Извештај за политики за носителите на одлуки: Зајакнување на родовата чувствителност на Националната стратегија за ХИВ во Република Северна Македонија

Сервисите за превенција од ХИВ овозможени преку граѓанските организации во Република Северна Македонија беа воведени, воспоставени и изградени во периодот од 2005 до 2017 година со поддршката на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, кои инвестираа над 25 милиони долари за да се изгради и одржи инфраструктурата и капацитетите на националниот одговор кон ХИВ. Од 2018 година, кога надворешната поддршка од Глобалниот фонд заврши, Владата на Република Северна Македонија ја презеде заложбата и обврската да го финансира, одржува и унапредува националниот одговор за ХИВ превенција помеѓу клучните популации преку ресорното Министерство за здравство, а врз основа на Националните стратегии за ХИВ и годишните програми за заштита на населението од ХИВ.

Од 2018 година, Владата и Министерството за здравство покажаа слаба политичка волја за унапредување на овој одговор, a од 2022 година без експертска дискусија и вклученост на граѓанските организации и клучните популации засегнати од ХИВ во носењето на одлуките и политиките, започнаа со произволно кратење на средствата предвидени за годишните програми за ХИВ и ненавремено отпочнување на истите. Со тоа се создадоа големи јазови во достапноста на сервисите за превенција од ХИВ и останатите услуги за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) и опасност од згаснување или намалување на дел од воспоставените сервиси, што го загрози јавното здравје и здравјето на десетици илјади граѓани од маргинализираните заедници кои се под особен ризик или засегнати од ХИВ.

Според Светската здравствена организација (СЗО), трансродовите лица се една од најранливите популации под особен ризик од ХИВ (кој може да биде и до 49 пати поголем споредено со останатите популации), а отсуството на соодветни сервиси за трансродовите лица може да доведе до експоненцијална изложеност на ХИВ, односно инфекција и понатамошен пренос кај оваа заедница.

Овој извештај ќе се обиде да ги документира главните проблеми и бариери со кои се соочуваат клучните популации, меѓу кои и трансродовите лица, во пристапот до сервиси за ХИВ, како и да понуди конкретни насоки за унапредување на родовата чувствителност на програмите за ХИВ во Република Северна Македонија.

Истражувањето го развивме во рамки на проектот „Мобилизација на заедницата со цел да се надомести намаленото финансирање и родовата нееднаквост во Националните програми за ХИВ за сексуалните работници во Република Северна Македонија“, а спроведувањето беше во соработка со ТрансФормА – Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија.

Публикацијата е објавена како дел од регионалниот проект „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“ (СоС_проект 2.0), имплементиран од конзорциум организации предводени од Алијансата за јавно здравје во партнерство со „100% живот“, финансиран од Глобалниот фонд.

Ставовите искажани во оваа публикација се на авторите и можно е да не ги одразуваат ставовите на козорциумот организации, како и на Глобалниот фонд.

Глобалниот фонд не беше вклучен во договарањето и одобрувањето ниту на самиот материјал, нити на можните заклучоци кои произлегуваат од него.

Извештајот за политики е достапен на македонски и англиски јазик и во целост може да се прочита/преземе на следниве линкови:

MК верзија: Извештај за политики за носителите на одлуки: Зајакнување на родовата чувствителност на Националната стратегија за ХИВ во Република Северна Македонија

АНГ верзија: A Policy Brief for Decision Makers: Strengthening Gender Sensitivity of the National HIV Strategy in the Republic of North Macedonia

Во рамки на Извештајот, подготвени се и кратки извештаи со препораки на македонски и англиски јазик:

МК верзија: Извештај со препораки: Намалување на родовите бариери помеѓу трансродовите лица во националните програми за ХИВ

АНГ верзија: Recommendation Paper: Reducing Gender Barriers Among Transgender People in the National HIV Programs 

Tags: , , , ,