Во текот на летниот период СТАР-СТАР, го издаде од печат извештајот за своето работење насловен „Десетгодишен извештај за програмите, активностите и финансиското работење на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје за периодот од 2010 до 2020 година“ кој беше промовиран на јубилејниот настан „Декада на гласност, транспарентност и отчетност на сексуалните работници“ одбележан на крајот од месец мај.
Овој десетгодишен извештај ги опфаќа клучните достигнувања на организацијата во мисијата, стратешките области на делување, реализацијата на стратешките определби и цели, а содржи и финсисиски дел во кој се наведени сите извори на финансирање на здружението.
Мисијата која го водеше ентузијазмот на СТАР-СТАР во изминатите години создаде нераскинлива врска помеѓу гласот на сексуалните работници како здружен колектив од една страна, и медиумите, јавноста и институциите, од друга страна. Градењето на таа врска е темелена на гласно застапување за правата на сексуалните работници во здравствениот, социјалниот и правниот систем во државата, истовремено промовирајќи ги аспирациите и на меѓународно ниво.
Ако до 2010 година, сексуалните работници беа застапувани во име на трети лица, десет години подоцна во рамки на традиционалниот Марш на црвените чадори, јавноста ја запозна СТАР-СТАР преку самоорганизирани активности, застапувајќи ги сопствените права и зборувајќи во свое име. Ако до 2010 година, „проституцијата“ и „проститутките“ се користеа како термини исклучиво за дневно сензационалистички теми во црните хроники на медиумите, десет години подоцна користејќи соодветна терминологија, на 17-ти декември медиумите известуваат за „сексуалната работа“ и „сексуалните работници“ и нивниот глас во борбата за подобри работни услови и работнички права, како централна вест во сите вечерни дневници. Ако до 2010 година, беа забележани политички обиди за „сузбивање“ на „проституцијата“, десет години подоцна, во јули 2020 година, СТАР-СТАР доби декларативна политичка заложба за декриминализација на сексуалната работа, поддржана од 8 политички партии, вклучувајќи ги и најголемите политички блокови. Ако до 2010 година, СТАР-СТАР не зборуваше отворено пред високи политички претставници, во 2018 година заедно со партнерските организации испратив претставничка на заедница која пред Високата делегација на Комитетот за елиминација на насилството врз жените (CEDAW) во рамки на Обединетите нации, за време на 71-вата сесија го презентираше нашиот партнерски Извештај во сенка за состојбата и повредата на правата на жените сексуални работнички во земјата. Гласот на сексуалните работници од Македонија беше слушнат во Обединетите нации, а Владата доби препораки од Комитетот во насока на подобрување на состојбата. Ако до 2010 година, учеството на сексуалните работници во процесот на креирање и носење здравствени и социјални политики поради присуството на страв беше незамисливо, десет години подоцна СТАР-СТАР е член на работни и евалуациони тела во рамки на државни институции и релевантни агенции на Обединетите нации.
Овој извештај ги сумира бројните постигнувања, но служи како потсетник за донаторите и општата публика за прогресот и напредокот во борбата за правата на сексуалните работници за кои СТАР-СТАР се залага од почетоците на своето постоење, за кои и во иднина ќе продолжи неуморно да работи со сите свои капацитети.
Извештајот во електронска верзија можете да го прочитате на овој линк.
Издавањето на извештајот е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија.