Во 2021 година, Северна Македонија направи важен исчекор: во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, сексуалните работници/чки за првпат се препознаени како ранлива категорија. Тоа е порака дека државата конечно ги гледа ризиците со кои се соочува оваа маргинализирана група на граѓани и дека заштитата не смее да зависи од стигма, морализирање или „нечија проценка“ дали некој заслужува помош.
Но прашањето што веднаш се наметнува е: што се случува кога законската рамка постои, а системот во пракса не прави јасна разлика меѓу доброволна сексуална работа и трговија со луѓе? Токму тука почнуваат проблемите што директно влијаат врз безбедноста, пристапот до услуги и правдата кај самоидентификуваните сексуални работници.
Каде точно настанува мешањето?
Македонскиот кривичен законик (КЗ) ја дефинира „трговијата со луѓе“ како регрутирање лица преку сила, сериозна закана или други форми на присила со цел сексуална експлоатација. Трговијата со луѓе значи присила и контрола. Во исто време, Кривичниот законик криминализира посредување на сексуални услуги и неретко кривично ги прогонува лицата познати како жртви на трговија со луѓе.
На хартија, разликата изгледа јасна. Но во реалноста, најголемиот предизвик е спроведувањето: кога институциите немаат конзистентна практика, немаат доволно обука, или одлучуваат врз основа на претпоставки, тие можат да ги измешаат категориите. А кога се мешаат поимите, се губи заштитата.
„Правилата“ што не ја гледаат реалноста
Голем дел од проблемот е и во тоа што дел од документите и алатките за идентификација, како што се стандардните оперативни процедури, формулари и индикатори се премногу општи и дозволуваат широко толкување. Ако насоките можат истовремено да се однесуваат и на доброволна сексуална работа и на трговија со луѓе, тогаш проценката лесно станува субјективна. Во пракса, тоа значи дека сексуалните работници може да бидат третирани како „сомнителни“ или „криминалци“, наместо како лица со право на заштита и услуги.
Дополнителен проблем се индикатори што звучат повеќе морализаторски отколку професионално, на пример фокус на облека, кондоми или изглед, наместо фокус на вистинските знаци на присила и контрола. Кога институцијата реагира на „впечаток“ наместо на реални индикатори за експлоатација, шансите да се промаши вистинската опасност се зголемуваат.
Зошто ова е опасно?
Кога самоидентификуваните сексуални работнички се изложени на насилство и експлоатација, тие често не се препознаваат како лица на кои им е потребна заштита, туку се третираат како „прекршители“. Наместо поддршка, можат да бидат кривично гонети или обесхрабрени да пријават, што ги остава без пристап до програми за заштита, психолошка и здравствена помош. Овој пристап ја продлабочува траумата, изолацијата и ризикот од повторно насилство и експлоатација.
Од друга страна, кога сексуалната работа се гледа исклучиво како кривично-правен проблем, а не и како социјална реалност во која може да се случат насилство и експлоатација, тогаш се создава средина во која насилството останува непријавено. Многу често, жртвите на насилство молчат не затоа што не се случува злоупотреба, туку затоа што системот не се доживува како безбедно место за помош.
Стигмата како „невидлив закон“
Дури и кога законите постојат, стигмата и дискриминацијата често се посилни од правната рамка. Недовербата кон институциите, стравот од осуда и ризикот од „разоткривање“ создаваат ѕид меѓу сексуалните работнички и услугите што формално им следуваат: здравствена заштита, правна помош, поддршка за жртви. Овој ѕид најчесто е највисок за оние што живеат со повеќеслојна маргинализација, како Ромки, трансродови жени и девојки, лица што користат дроги, мигрантки, лица што живеат со ХИВ.
И онлајн просторот станува понебезбеден
Во дигиталниот простор проблемот дополнително се усложнува. Дел од платформите воведуваат рестрикции поради јавните политики, и кога законите и платформските правила не прават јасна разлика меѓу трговија со луѓе и доброволната сексуална работа, резултатот често е цензура, бришење профили, ограничување на видливоста и оттурнување на луѓето во уште понебезбедни канали. Наместо превенција, се создава поголема ранливост.
Што е потребно за вистинска заштита?
Потребни се јасни и доследни политики што ќе направат прецизна граница: доброволна сексуална работа не е исто што и сексуална експлоатација, ниту пак трговија со луѓе. Истовремено, потребни се обуки и стандарди за институциите што ќе го стават фокусот таму каде што е најважно, на присилата, контролата и ризикот од насилство, а не на морални проценки. И конечно, потребен е пристап без осуда, со доверливи и достапни услуги, за пријавувањето да стане реална опција, а не дополнителна опасност.
Затоа зборуваме за ова: затоа што разликата не е административна, туку прашање на безбедност, пристап до правда и човекови права. Кога поимите се мешаат, криминализацијата станува полесна од заштитата, а тоа е спротивно од целта на секоја политика што навистина сака да спречи насилство и трговија со луѓе.
Проектот „Самоидентификуваните сексуални работнички во борба против сексуалното насилство и трговијата со жени и девојки“ е поддржан од UN Trust Fund to End Violence against Women.

