Оваа анализа има за цел да отвори дискусија за човековите права на маргинализираните заедници, пред сѐ на сексуалните работници, во дигиталниот простор, со фокус на дигиталните права и дигиталната безбедност.
Дигиталните права за Северна Македонија се ново поле на работа, кое како и сите останати полиња, има свои специфики кои треба соодветно да се разберат, со цел да се мапираат потенцијалните повреди на правата кон маргинализираните групи како сексуалните работници/-чки. Дигиталната безбедност за потребите на оваа анализа подразбира безбедност на поединците, сексуални работници онлајн, која вклучува безбедност на личните податоци и ослободеност од било која форма на насилство кое може да се случи онлајн, но и насилство во живо, кое почнало, се организирало или е мотивирано од онлајн настан.
Фокусот на анализата е мапирање на состојбите со повредите на правата и нееднаквостите во дигиталната сфера, анализа на меѓународните стандарди и националната правна рамка и нејзината соодветност во однос на заштита и промоција на дигиталните права и дигиталната безбедност на сексуалните работници.
Анализата се спроведува во услови во кои генерално дигиталните права и дигитализацијата се недоволно развиена област во Северна Македонија. Разбирањето на влијанието на дигитализацијата врз правата на сексуалните работници и другите маргинализирани заедници не е доволно истражено. Исто така, клучен факт што се зема предвид во анализата е тоа што сексуалната работа во Северна Македонија не е ниту декриминализирана, нити легализирана, т.е. не постои правна рамка која ја регулира сексуалната работа како работа. Напротив, сексуалната работа во Северна Македонија е криминализирана. Aнализата ги опфаќа и темите родова еднаквост и родово заснованото насилство онлајн, говорот на омраза и слободата на изразување онлајн, декриминализацијата на сексуалната работа, работнички права во дигиталната сфера (права на работници на платформи), правото на приватност онлајн, заштита на лични податоци и други поврзани теми. Во поширок контекст, анализата има за цел да покаже на кој начин стигмата кон сексуалната работа и недостатокот на правна рамка за декриминализација негативно влијаат на дигиталните права и дигиталната безбедност на сексуалните работници во Северна Македонија.
Анализата е спроведена во рамки на проектот „Отпорноста на сексуалните работници во дигиталната ера“ со цел да се зајакнат организациските и капацитетите на сексуалните работници за справување со дигиталните закани врз човековите права, со поддршка од фондацијата Hivos, преку грантовиот механизам Digital Defenders Partnership (DDP).
Ставовите и содржината изнесени во публикацијата се единствена одговорност на авторот и издавачот.
Автор на анализата: м-р Драгана Дрндаревска
Анализа на правната рамка во Република Северна Македонија во однос на дигиталната безбедност и дигиталните права на сексуалните работници е достапна на македонски јазик и англиски јазик и во целост може да се прочита/преземе на следниве линкови:
АНГ верзија: Analysis of Current Legal Frame in North Macedonia Regarding Sex Workers’ Digital Rights and Security