За нас

Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје е основано во 2010 година и претставува прв и единствен облик на самоорганизирање на заедницата на сексуални работници во Република Северна Македонија и на Балканот. Препознаени како СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, повеќе од 10 години СТАР-СТАР се залага за застапување и промовирање на правата на сексуалните работници во социјалниот, здравствениот и правниот систем на државата.

Од 2007 до 2010 година, СТАР-СТАР претставува активистичко движење на група млади луѓе со една заедничка цел – унапредување и промоција на правата на сексуалните работници во земјата, притоа активно вклучувајќи ги лицата кои се занимаваат со сите форми на сексуална работа во имплементација на активностите на движењето. Со цел да ја промовира важноста на граѓанскиот сектор во процесите за демократски развој и управување, кон средината на 2010 година СТАР-СТАР поднесе иницијатива за влез во Централниот регистар. На 25.05.2010 година движењето на СТАР-СТАР е заведено во Централниот регистар како Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје. Во 2011 година, во соработка со блиски партнерски организации и поддржувачи, СТАР-СТАР почна да работи на организацискиот развој, да ги зајакнува организациските капацитети и да ја мобилизира заедницата. Со матично седиште во Скопје, СТАР-СТАР започнува со мобилизација на сексуалните работници низ повеќе региони во Република Северна Македонија, поддржувајќи ги локалните лидери и зајакнувајќи ги членовите на заедницата и во други градови како Струмица, Гостивар, Тетово и Струга. Настојувајќи да создаде поволна средина за растење и унапредување на заедницата, ги вклучува сите сексуални работници во своите активности, без оглед на нивниот пол, род, сексуална ориентација, етничко потекло, верска припадност, социјален или работен статус.

Денес, СТАР-СТАР е активен чинител во граѓанскиот сектор промовирајќи ги своите аспирации на национално и меѓународно ниво, придонеси и потреби со стремеж за праведно општество кое знае да ги препознае, прифати и почитува различностите и обезбедува еднаков третман за сите.

СТАР-СТАР и сексуалните работници веруваат дека почитувањето на основните човекови права и слободи и правото на слободен избор на професија се основните принципи за здраво, толерантно и демократско општество.

СТАР-СТАР е гласот на сексуалните работници во Република Северна Македонија.

ВИЗИЈА

СТАР-СТАР се залага за свет без насилство во кој жените, трансродовите и мажите сексуални работници вклучени во доброволна сексуална работа слободно живеат и работат, а почитувањето на основните човекови права и слободи се основни принципи на демократско и праведно општество.

МИСИЈА

СТАР-СТАР е колектив предводен од сексуални работници кој истите ги мобилизира за нивно активно учество во процесите на креирање политики и пракси кои ја третираат сексуалната работа, а заедно со засегнатите страни врши следење на нивното спроведување за да обезбеди доследно почитување на сите човекови права и слободи на сексуалните работници.

ВРЕДНОСТИ

  • Вклученост на сексуалните работници во процесите на креирање политики и донесување одлуки на сите организациски нивоа;
  • Солидарност со сите кои ги делат истите заложби, принципи и вредности во процесот на креирање демократско и отворено општество;
  • Транспарентност во однос на постоење механизми кои подразбираат отвореност и отчетност во рамки на организациските принципи, програми и активности;
  • Вмрежување и партнерство со споделување на правата, обврските и одговорностите за постигнување заеднички цели;
  • Видливост преку јавно делување во граѓанското општество.

 ЦЕЛИ

  • Заштита, промоција и унапредување на основните човекови права на лицата кои се занимаваат со сексуална работа во социјалниот, правниот и здравствениот систем во државата;
  • Подобрување на законските мерки кои таргетираат машки, женски и трансродови сексуални работници;
  • Подобрување на социјалната средина во која живеат и работат сексуалните работници;
  • Подобрување на знаењето во врска со сексуалното и репродуктивно здравје кај сексуалните работници;
  • Овозможување полесен пристап кај сексуални работници до здравствени, социјални и правни сервиси од страна на здруженија на граѓани и државни институции како и адаптирање на постоечките услуги според потребите на сексуалните работници;
  • Организирање активности кои промовираат поголема грижа за општото, сексуално и репродуктивно здравје помеѓу сексуални работници со акцент на ХИВ/СИДА и сексуално преносливи инфекции;
  • Интервенција и превенција против насилство врз сексуалните работници;
  • Подигнување на јавната свест во насока на прифаќање на сексуалните работници и почитување на нивните човекови права и слободи;
  • Унапредување на развојот и воспоставување соработка со други граѓански организации, здруженија и фондации во земјата и странство.