СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот и оваа година се приклучува кон Маршот за женски права, по повод одбележување на 8 ми март, со цел да дадеме поддршка на жените за родова еднаквост, еднакви права, слобода и солидарност.
На 8 ми март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за општествените појави и системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Ти не си виновна!“
8 ми март е ден кога ја славиме секоја борба, секој глас, секој отпор! Поттикнати од случајот „Јавна Соба“ овогодинешниот Марш за женски права, гласно и недвосмислено го посветуваме на жртвите на родово базирано насилство.
Сексуалните работници во Република Северна Македонија, особено жените и трансродовите сексуални работници секојдневно се соочуваат со насилство во секоја форма. Затоа ќе излеземе на протестен марш да ги бараме нашите права, а тоа се право на живот, слобода и сигурност; на слобода на движење и живеалиште; заштита од насилство и малтретирање; право на приватност и семејство; на работа, на слободен избор на работното место и на праведни и безбедни работни услови; на здравје; на мирни собири и здружувања; јавна вклученост; заштита од секаков вид на дискриминација и еднакви можности во сите сфери на живеењето.
Маршот ќе започне во 12 часот во недела (08.03.2020) од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, и ќе заврши со перформанс за поддршка на жртвите на насилство.
Линк до настанот: https://www.facebook.com/events/3108647672530963/