Денес, по повод одбележувањето на 8ми март-Меѓународниот ден на жената, СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот се приклучи на Маршот против системското осиромашување на жените. Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“, повеќе невладини организации, активисти/ки и поддржувачи, маршираа за еднаквост на жените во сите сфери, слобода и достоинство, безбедност и можност за остварување на сите права што им припаѓаат.
Меѓу пораките кои беа испратени до институциите и јавноста „Не ни треба цвеќе, сакаме права“, „Стоп за економското насилство врз жените“, како и „Социјална правда“ се испрати апел до институциите за „…еднаков пристап до социјално здравствени услуги. За еднаков пристап до јавен превоз и информации. За еднаков пристап на пазарот на трудот, за подеднаква грижа за децата и повозрасните членови во семејството. За политичко учество на жените во општеството и за родова еднаквост која што ќе биде видлива во секој чекор и во секое домаќинство, и коешто ќе ги извади од сенката на невидливоста жените еднаш засекогаш…“.
Маршот за женски права традиционално се одржува веќе шеста година по ред, во организација на Платформата за родова еднаквост.