3-ти март – Mеѓународен ден на правата на сексуалните работници

Сексуалните работници од целиот свет го одбележуваат 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници. Идејата за одбележување на овој ден датира уште од 2001 година, кога повеќе од 25000 сексуални работници се собрале на фестивал во Индија. Како организатор на целиот настан стои Комитетот на сексуални работници Durbar Mahila Samanwaya со седиште во Калкута, чие членство брои повеќе од 50000 сексуални работници. Оттогаш, секоја година се слави 3-ти март од страна на сексуалните работници, нивните поддржувачи и активисти од целиот свет.

Сексуалните работници се социјално исклучена група која секојдневно се соочува со стигма и дискриминација од страна на општеството, полицијата и институциите. Во Република Северна Македонија, сексуалните работници живеат и работат во небезбедни услови и се во постојан страв од малтретирање, насилство и злоупотреба. Стравот се јавува поради непостоење регулирани законски мерки кои ги ограничуваат основните права и слободи на сексуалните работници да живеат и работат како луѓе еднакви со сите други во општеството.

Заедничкиот универзален систем од вредности е посветен на светоста на животот и обезбедува рамка за изградба на систем на човекови права, заштитен со меѓународно прифатените норми и стандарди. Во текот на 20-тиот век, човековите права се развија во морална,  политичка и правна рамка и станаа водечка насока за развој на свет ослободен од страв и сиромаштија. Сексуалните работници низ целиот свет го одбележуваат овој ден, кревајќи го својот глас за своите човекови права!

СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, со конкретни активности, како во изминатите така и оваа година се приклучува кон глобалното одбележување на денот на правата на сексуалните работници, стремејќи се да ја истакне важноста и потребата за унапредување на нивните човекови права. Со еднакви и достоинствени права за сите, светот би бил убаво место за живеење!

Tags: , ,