3-ти март – Меѓународен ден на правата на сексуалните работници: Да ги уживаме човековите права подеднакво!

Сексуалните работници низ целиот свет го одбележуваат 3-ти март, Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, со цел да се подигне свеста за прекршувањата на човековите права со кои се соочуваат сексуалните работници.

СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, како и секоја година се приклучува во борбата за социјална правда и почитување на правата на сексуалните работници како во Република Северна Македонија, така и на глобално ниво. На овој ден сакаме да го свртиме вниманието кон активизмот на заедницата на сексуални работници, и значењето кое таа го постигнува за зголемување на видливоста во јавноста преку вклучување во јавни настапи, протести, маршови.

Како  последица од непрепознавањето на сексуалната работа како секоја друга професија, непостоењето прецизни закони за регулација на сексуалната работа во однос на нашите работнички права, како и нееднаквиот третман кон заедницата на сексуални работници не поттикнува во се поголем број од година во година да се бориме за своите човекови права. Сексуалните работници во нашата земја се во постојан страв од малтретирање, насилство и злопутреба, кој ни ги ограничува основните права и слободи, да живееме и работиме еднакво како и сите други во општеството.

Сексуалните работници од целиот свет го одбележуваат 3-ти март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници. Идејата за одбележување на овој ден датира уште од 2001 година, кога повеќе од 25000 сексуални работници се собрале на фестивал во Индија. Како организатор на целиот настан стои Комитетот на сексуални работници Durbar Mahila Samanwaya со седиште во Калкута, чие членство брои повеќе од 50000 сексуални работници. Оттогаш, секоја година се слави 3-ти март од страна на сексуалните работници, нивните поддржувачи и активисти од целиот свет.

Со приклучување кон глобалното одбележување на 3-ти март, Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, се стремиме да ја истакнеме важноста и потребата за унапредување на нашите човекови права, ослободување од криминализацијата и добивање правна заштита од насилство и злоупотреба. Со еднакви и достоинствени права за сите, светот би бил убаво место за живеење! Ние имаме право на живот, слобода, еднаквост, сигурност, приватност, право на слободно изразување и здружување!

Tags: , , , ,