3-ти март е Меѓународен ден на правата на сексуалните работници. На овој ден, се приклучуваме во борбата за социјална правда и почитување и заштита на основните човекови права.
Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинството и правата. Без оглед на причините, сексуалните работници кои доброволно се занимаваат со сексуална работа, треба да се третираат со достоинство и да ги уживаат правата на заштита на работните односи и на работното место. Меѓутоа, сексуалните работници во Република Северна Македонија се социјално маргинализирана група на граѓани, која се соочува со силна стигма и дискриминација и со чести повреди на човековите права.
Иако со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство од 2021 година, жените сексуални работнички за прв пат експлицитно се препознаени како ранлива категорија, тие се жртви на широко распространет говор на омраза, стигма и дискриминација, а неретко и насилство од страна на полициските службеници, нивните клиенти и членови на нивните семејства/домаќинства.
Само во периодот од 2021 и 2022 година, документирани се 34 случаи во кои сексуалните работници пријавиле прекршување на некое човеково право. Поголем дел од случаите кои се пријавуваат се однесуваат на родово базирано насилство, семејно насилство и насилство од омраза, меѓутоа случаите кои се пријавуваат во полиција, најчесто не се водат како такви и сексуалните работници не се препознаени како жртви. Оттука, многу тешко може да се добијат реални статистички податоци за сексуалните работници како жртви на насилство.
Во моментов, СТАР спроведува истражување помеѓу заедницата на сексуални работници во нашата земја – Пристап до правда, како дел од едно поголемо истражување кое го спроведува Европската алијанса за права на сексуалните работници во девет европски земји, меѓу кои и РСМ. Целта на оваа студија е да се соберат податоци за потешкотиите и предизвиците со кои сексуалните работници се соочуваат при пристапот до правда, и се фокусира токму на односот помеѓу сексуалните работници и полицијата. Досегашните податоци кои ги имаме собрано преку интервјуирањето на сексуалните работници, укажуваат на лошиот третман од страна на полицијата. Сексуалните работници не се информирани за своите права при контакт со полиција, и многу често се жртви на дополнителна виктимизација. Токму поради институционалната дискриминација, слабата економска моќ, ниската правна писменост, недовербата во институциите, сексуалните работници се обесхрабрени да пријавуваат било каква форма на насилство. Во случаи кога ќе пријават насилство, поради страв и убеденост дека правниот систем не функционира еднакво за сите граѓани, се откажуваат и не ги водат постапките до крај. За жал, тие случаи остануваат нерешени, а сексуалните работници не ја добиваат правдата по институционален пат.
Сметаме и веруваме дека декриминализацијата на сексуалната работа, ќе придонесе кон намалување на институционалната дискриминација кои ја доживуваме како една од најмаргинализираните заедници во македонското општество, а тоа пак ќе придонесе кон зголемување на нашата доверба во институтициите и механизмите за заштита на нашите права. Декриминализацијата на сексуалната работа ќе овозможи правно признавање на сексуалната работа како работа и остварување на нашите права и слободи загарантирани со Уставот и законите на Република Северна Македонија.