Денеска го одбележуваме 20-ти ноември, Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите жртви на насилство и убиените транс лица – Transgender Day of Remembrance.
Активистичките движења насекаде низ светот на овој ден се сеќаваат на случките од минатото, со надеж дека нема да се повторат. Со жалење би сакале да истакнеме дека бројот на убиени транс лица насекаде низ светот е во пораст. Во 2017 се регистрирани досега најголем број убиства – 358 случаи – што е во просек едно убиство на приближно 24 часа. Во 2018 бројката досега е речиси 300. Во оваа бројка, најголем е бројот и ризикот кај транс лицата кои се сексуални работници/чки и излишно е да се каже дека оваа група граѓани секако и без тоа се наоѓа во голем број ризици наложени од неинклузивните општествени политики и практики. Изрично бараме од граѓаните, од активистите, од институциите, да направат сѐ што е во нивна моќ за овој тренд да престане! Транс движењето во Македонија расте и се зајакнува, и одбиваме да бидеме мета, одбиваме да бидеме жртви!
Да ја оддадеме нашата почит кон една припадничка на оваа заедница, пријателка на многумина благодарни, посветена активистка за правата на транс лицата и сексуалните работници. Нејзиното име е Лаура Фер, име кое сѐ уште одекнува во нашите сеќавања, боли но истовремено и мотивира! Лаура нѐ напушти пред речиси две години. Нејзината трагична смрт остави белег на блиските, на движењето, на јавноста и на светот. Оваа гласноговорничка ги постави темелите на многу нешта, помеѓу другото и во формирањето на активистичко движење за правата на сексуалните работници во Македонија. Таа имаше свои drag queen настапи, учествуваше на маршови, обуки и други настани од големо значење за заедницата која ја претставуваше. Нејзината храброст е потсетување дека борбата не престанува, дека треба да се бориме за она што ни е важно во животот, и да им помагаме на другите! По којзнае кој пат, почивај во мир Лаура, и се надеваме дека споменот на тебе ќе ги мотивира припадниците на оваа заедница да застанат цврсто и да ги прекинат постоечките трендови на насилство кон група на луѓе, која заслужува да живее достоинствено и квалитетно.
Извор: TransFormA – Инцијативна група на трансродови лица