На 2-ри јуни го одбележуваме Меѓународниот ден на сексуалните работници, во чест на сексуалните работници ширум светот и борбата за признавање на сексуалната работа како труд и занимање. Овој ден се смета за симболично раѓање на активистичкото движење на сексуалните работници во борбата за заштита на нашите основни човекови права.
По тој повод, СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, во партнерство со ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија, организира онлајн кампања со промоција на видео: „Зошто Скопје повторно заслужува црвени фенери?“ и подкаст „На доручек со MISS STRAWBERRY (МДМФ).
Видеото ги прикажува придобивките и позитивните страни на сексуалната работа за сексуалните работници и ја истакнува потребата од прифаќање на доброволната сексуална работа во општеството отсликано преку шармот на црвените фенери и танцот на сексуалните работници. Во минатото, во старо Скопје, постоеле улици со црвени фенери, кадешто работеле „дамите на ноќта“. Доказ за тоа е објектот Фенерли-ан кој и денес постои во старата скопска чаршија. Улицата на црвените фенери претставува симбол на слободниот и толерантен став кон најстарата професија на светот. Видеото прикажува сцени од изминатите уметнички перформанси на сексуални работници од Skopje Red Light District!
Во рамки на овогодинешната онлајн кампања ќе биде објавен и подкаст со нашата Miss Strawberry, која ќе зборува со Дина, која повеќе од 40 години работи на отворената сцена во Скопје.
Кампањата има за цел да ја намали негативната јавна перцепција за сексуалните работници и да ја подигне свеста кај општата популација за препознавање на сексуалната работа како труд и занимање.
Следете нѐ на Фејсбук страниците на СТАР-СТАР, ХОПС и ТрансФормА!!!
Линк до онлајн настанот: https://fb.me/e/2gkpYSDLq