17-ти декември – Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници 2025

Денес, го одбележуваме 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. 

Овој ден е потсетник на нашата постојана борба за почитување на основните човекови права, безбедноста и достоинството на сексуалните работници, како и на потребата од зголемување на јавната свест, поддршката и солидарноста со заедницата.

Овогодинешната кампања ја посветуваме на симболот кој веќе 18 години нè обединува, нè заштитува и го носи нашиот глас – црвениот чадор. Црвената боја, како симбол на љубовта, храброста и отпорот, ја претворивме во визуелен штит против насилството. Преку неа ја раскажуваме нашата приказна, ја истакнуваме нашата надеж и го покажуваме нашето присуство. 

Преку моќно видео насловено „Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита”, три сексуални работнички ја споделуваат реалноста што ја живеат, стравовите што ги носат и потребите што ги имаат. Нивните гласови се нашите барања:
Сè што ни треба е безбедност, правда, поддршка…

Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби.

Заедницата на сексуални работници се соочува со повеќекратни форми на маргинализација, како сиромаштија, ниско ниво на образование, етничка дискриминација, дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет кои ја зголемуваат ранливоста на заедницата.

Жените кои користат дроги, трансродовите лица, ЛГБТИ+ лицата, се особено изложени на дополнителна стигма и исклученост. Тие често немаат пристап до здравствена и психосоцијална поддршка, а стравот од осуда или апсење ги одвраќа од пријавување на насилството.

Дополнително, дигиталното родово базирано насилство станува сè почеста реалност. Онлајн споделувањето интимни содржини како дел од работата или личниот живот на сексуалните работници често завршува без нивна согласност на јавни платформи, проследено со уцени, закани и срам. Наместо да бидат препознаени како жртви, тие се изложени на стигма и молк. Токму затоа, Истанбулската конвенција, која го препознава родовото насилство и го промовира концептот на согласност, е клучен инструмент за заштита на правата на сексуалните работници и родова еднаквост, офлајн и онлајн.

Во ваквата реалност, црвениот чадор е повеќе од симбол – тој е нашиот знак на отпор, на достоинство и потребата да бидеме слушнати. Црвениот чадор ја симболизира заштитата од злоупотребите од страна на блиските, партнерите, полицијата и клиентите, отпор кон осудата во конзервативните и стигматизирачки општества, и борба за еднакви човекови права. 

Пораката е јасна – нема достоинство без безбедност, нема правда без признавање на сексуалната работа како и секоја друга професија. 

Нашите барања се следниве: 

  • Декриминализација на сексуалната работа
  • Признавање на трудот и човековите права на сексуалните работници
  • Признавање на доброволната сексуална работа, која се извршува слободно и по сопствен избор, и
  • Обезбедување на безбедни услови за работа, како и адекватен пристап до здравствени, правни и социјални услуги.  

Нашата борба е лична и колективна. Таа не е привремена, таа е исткаена во нашето секојдневие, кога сме принудени да бараме основна заштита, кога молчиме поради срам што не е наш, кога преживуваме, наместо да живееме слободно. 

Црвениот чадор низ историјата 

Црвениот чадор како симбол на меѓународното движење на сексуалните работници е употребен за првпат во 2001 година за време на 49-то Венециско уметничко биенале, во рамки на инсталацијата „Прв светски конгрес на сексуални работници“ поставена од словенечкиот уметник Тадеј Погачар. На инсталацијата поставена на јавен простор, која била наречена и „Павилјон на проститутките“, сексуалните работници од повеќе држави заедно со италијанските сексуални работници ги претставиле тогашните состојби и дискутирале за стратегиите за зашитита на нивните права. Од павилјонот започнал и марш по улиците на Венеција на кој сексуалните работници со црвени чадори и мегафони го привлекле јавното внимение, укажувајќи на лошите работни услови и злоупотребата на човековите права. Од 2005 година, Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа (ICRSE), денес позната како ESWA (European Sex Workers Rights Alliance) го усвојува црвениот чадор како симбол на отпорот против насилството и дискриминацијата, а примерот го прифаќа целото движење низ светот.

Во Скопје, црвениот чадор првпат беше промовиран на првиот Марш на црвените чадори во 2007 година, пред точно 18 години – и оттогаш, секоја година, претставува симбол на отпорот, на нашата приказна, и на гласот на сексуалните работници. Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како ден на сеќавање и почит за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, ова е ден на глобална солидарност, гласност и обединување на сексуалните работници ширум светот. 

Оваа кампања е реализирана од СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, со поддршка од фондацијата Red Umbrella Fund. 

Tags: , ,