По повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ја посветуваме овогодинешната кампања на конечната правда за сексуалните работници по пресудата на Европскиот суд за човекови права Д.Х. и други против Северна Македонија.
Се жалевме, победивме!
Оваа година, гордо ќе маршираме на улиците, истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правдата постои и на крајот може да биде задоволена. Токму затоа, го избравме и слоганот за овогодинешната кампања „5353 денови до правда“ со кој сакаме да испратиме порака до јавноста и институциите, дека сите права треба да се почитуваат, особено на ранливите групи на граѓани. Сексуалните работници, 15 години чекаа правда, и извојуваа победа што е од значителна важност за сите сексуални работници во државата, и во цела Европа.
Во ноември 2008 година, Министерството за внатрешни работи со сензационалистичка полициска акција наречена ,,Сузбивање на улична проституција,, приведе 23 сексуални работнички, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23-те сексуални работнички без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а при тоа беа изложени на нехумано и деградирачко постапување од страна на полицијата. За време на целиот притвор, беа оставени без пристап до вода, храна и лекови. Фотографиите од приведените сексуални работнички беа објавени на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи. Утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи инфекции, без да дадат нивна согласност. За нивните претпоставени здравствени состојби јавно се говореше во медиумите, изложувајќи ги на дополнителен стрес, а потоа беа пуштени на слобода. Акцијата на МВР „сузбивање на уличната проституција“ беше една од ударните вести во медиумите во тој период, кои на во борбата за гледаност и читаност ги заборавија принципите на почитување на човековите права.
„Не однесоа во полициска станица Бит Пазар. Не ни кажуваа ништо. Вадеа мобилни од џепови, не сликаа. Си играа со нас и не малтретираа“ – сексуална работничка, приведена во полициската акција на 20 ноември, 2008 год.
Вкупно 13 сексуални работнички, со поддршка од ХОПС-Опции за здрав живот Скопје се охрабрија да поднесат тужба за утврдување на повреда на правото на приватност и заради тортура, нечовечко и деградирачко постапување или казнување пред граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.
Долгогодишната правна битка на сексуалните работнички по полициската акција „Сузбивање на улична проституција“ во ноември 2008, најпосле исходуваше со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година, и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.
Согласно вака воспоставената пракса на Европскиот суд за човекови права, ги охрабруваме националните судови по примерот на Основниот граѓански суд во Скопје, секогаш да ги заштитуваат правата на маргинализираните и ранливите граѓани, како што се сексуалните работници, а особено кога правата се прекршени од страна на институциите кои треба да ги заштитат. Ги повикуваме надлежните институции во разумен рок да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права и конечно правдата да стигне до овие ранливи жени.
Бараме хуман и еднаков третман од страна на државата базиран на принципот на почитување на човековите права, загарантирани со законите и Уставот на РСМ.
Бараме почитување на нашите човекови права, основни слободи и достоинство согласно меѓународните конвенции и декларации за чoвeкoвитe прaвa, ратификувани од страна на РСМ.
Бараме да се почитува правото на приватност на сексуалните работници како и за сите други граѓани, согласно Законот за заштита на личните податоци на РСМ.
И секако повикуваме на декриминализација на сексуалната работа, како единствен модел кој обезбедува достоинствено почитување на човековите права и слободи на сексуалните работници во едно демократско и праведно општество.
Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е поддржано од фондацијата Red Umbrella Fund.