17-ти декември – Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници

Оваа година, СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, одбележува јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори, со слоганот 15 ГОДИНИ КОЛЕКТИВЕН ГЛАС ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ НАС.

Со одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници во Скопје, ние, сексуалните работници заедно со нашите партнери и поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција Маргини, и оваа година се приклучуваме кон глобалното одбележување на овој значаен ден за нашата заедница со традиционалниот Марш на црвените чадори.

Овогодинешната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата.

Првиот Марш на црвените чадори се одржа во Скопје на 17-ти декември, 2008 година во организација на Здружението ХОПС и тогаш неформалната група на СТАР-СТАР. Првите три години јавните протести на сексуалните работници беа симболични и се одвиваа без присуство на медиумите, што пак се должеше на стравот да излеземе во јавност и отворено да зборуваме за нашите проблеми и потреби, на стравот од предрасуди, јавно осудување и дискриминација. Но како поминуваа годините, така и ние станувавме се похрабри и погласни во борбата против насилството, стигмата и дискриминацијата. Повеќе не сме скриени во општеството и зборуваме во свое име.

Денес, достоинствено маршираме низ Скопје, заедно со голем број сојузници, активисти и поддржувачи.

Денес, гордо ги застапуваме нашите човекови, здравствени и работнички права пред институциите и општата јавност.

Денес, бараме подобри и побезбедни услови за работа.

Денес, бараме подобро законско решение за сексуалната работа во земјата.

Денес, бараме декриминализација на сексуалната работа.

Затоа, борбата не завршува тука. Предизвиците на кои наидовме нѐ направија поупорни и поиздржливи во  нашата најголема борба, во нашите заложби да создадеме подобри услови за живот и работа на сите сексуални работници во земјата и да лобираме за промени на законите кои нѐ таргетираат. Нашата борба продолжува сѐ додека сексуалната работа не се  декриминализира што сметаме дека е најсоодветниот начин за правно признавање на сексуалната работа како работа и остварување на нашите права и слободи загарантирани со Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Оваа година, јубилејниот Марш на црвените чадори ќе се одржи на 17.12.2022 (сабота) со почеток во 12:00 часот. Традиционално, маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Филип II“.

Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е финансирано од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Tags: , , ,