Секоја година, на 1-ви декември се одбележува Светскиот ден на СИДА. Се започнало во 1988 година, кога Светската здравствена организација за првпат ги истакнала напорите на светот за борба против ХИВ/СИДА. Овој ден покрај изразување поддршка за оние кои живеат со ХИВ, е исто така и ден кога се сеќаваме на оние кои ја изгубиле борбата со оваа болест.
Одбележувањето на Светскиот ден на СИДА има големо значење бидејќи ја потсетува јавноста дека борбата против ХИВ/СИДА не е завршена – сè уште е потребно да се работи на подигнување на свеста кај јавноста, да се работи на сузбивање на предрасудите и дискриминацијата и секако да се вложат напори во едукација на населението.
Оваа година, по повод одбележувањето на Светскиот ден на СИДА, УНАИДС ја нагласува итната потреба да се стави крај на нееднаквостите кои се предизвикани од СИДА-та и другите пандемии низ светот.
Без конкретни акции за борба против нееднаквостите не би можеле да ставиме крај на СИДА-та до 2030 година, како што цели светот, а истото важи и за моменталната пандемија со КОВИД-19.
И по четириесет години од првите пријавени случаи на СИДА, ХИВ сè уште му се заканува на светот. Денес, светот е сè уште далеку од исполнувањето на заедничката посветеност за ставање крај на СИДА-та до 2030 година, не поради недостаток на знаење или алатки за да се победи СИДА-та, туку поради структурните нееднаквости што ги попречуваат докажаните решенија за превенција и третман на ХИВ.
Клучни пораки:
- На светот му се закануваат повеќе пандемии. Како што влегуваме во третата година од пандемијата со КОВИД-19, така влегуваме и во петтата деценија од пандемијата со СИДА:
- Светот не успеа итно да дејствува за да ставиме крај на СИДА-та и да се подготвиме за следната пандемија.
- Активностите кои ни се потребни за да се стави крај на СИДА-та исто така ќе ни помогнат да ги запреме идните пандемии.
- Ситуацијата со КОВИД-19 станува полоша. Додека светот се мобилизира против КОВИД-19 и се подготвува против идните пандемии, ризикуваме да ги повториме истите грешки што не спречија да ставиме крај на СИДА-та.
Она што ни е потребно за да ставиме крај на СИДА-та, исто така ќе ни помогне да го заштитиме светот од идни пандемии. Потребна ни е промена на парадигмата во глобалното здравствено финансирање и инвестирање во заедницата, трансформирачки пристапи кон родот и човековите права, правичен пристап до лекови кои спасуваат животи и здравствени технологии, системи за податоци кои можат да детектираат нееднаквости и пристапи до правда кои ги решаваат тие нееднаквости.
По повод одбележувањето на 1 Декември – Светскиот ден на СИДА, здружението Заедно Посилни, во рамки на нивната кампања „Вирусите не дискриминираат, луѓето да!“ организираат настан во Кинотека на Република Северна Македонија за кој може повеќе да дознаете на следниов линк: https://www.facebook.com/events/313617303751770