1-ви мај – Меѓународниот ден на трудот е посветен на зачувување и унапредување на правата на работниците низ целиот свет. Овој ден за првпат се одбележал во 1889 година во знак на почит кон жртвите на работничкиот штрајк што се одржал од 1-ви до 4-ти мај 1886 год. во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел да се воведе 8-часовен работен ден, била употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, од кои четворица од нив биле погубени.
Оттогаш, традиционално, на 1-ви мај секоја година во повеќе земји ширум светот, како и во Република Македонија, се одржуваат протести во знак на одбележување на Меѓународниот ден на трудот.
СТАР-СТАР како Здружение на граѓани за поддршка на маргинализирани работници, се вклучува во борбата за социјална правда и работнички права. СТАР-СТАР има една заедничка цел, а тоа е унапредување и промоција на правата на сексуалните работници во Република Македонија.
Како последица од непрепознавањето на сексуалната работа како секоја друга работа, нерегулирањето на законите кои ги таргетираат сексуалните работници во однос на нивните работнички права, како и нееднаквиот третман на сексуалните работници ги поттикнува истите во се поголем број да дадат поддршка во борбата за правата на работниците.
Со препознавање и признавање на сексуалната работа ќе се овозможи поголема социјална и правна заштита на сексуалните работници под покровителство на Законите за работни односи.
Сите граѓани на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги и сексуалните работници, имаат право на работнички права согласно меѓународното право за заштита на човековите права.
Сексуалните работници имаат право на работа, на слободен избор на работното место и на праведни и поволни работни услови и заштита од невработеност, и по однос на ова право:
- Непрепознавањето на сексуалната работа како професија има негативни последици врз работните услови на сексуалните работници, со тоа што им се одбива заштитата која инаку ја имаат работниците со законите за работни односи.
- Сексуалните работници треба да можат да ја одредуваат, без пречки или притисок од други, природата и условите на сексуалните услуги кои ги нудат.
- Сексуалните работници имаат право на безбедни и здрави работни места; затоа е потребно да имаат достапни точни и најнови информации за здравјето и безбедноста, независно дали се вработени некаде или се само-вработени.
- Сите луѓе имаат право да се третираат со почит на нивното работно место и да не бидат сексуално малтретирани; работните места во сексуалната индустрија, како и сите други работни места, треба да промовираат почит и слобода од злоставување и малтретирање на сексуалните работници.
- Сексуалните работници треба да имаат право на еднакви социјални и други бенефиции кои произлегуваат од работниот однос, вклучувајќи и платено боледување, платено породилно и мајчинско боледување, празници и право на бенефиции при невработеност доколку нивниот работен однос се прекине, или доколку одлучат да ја напуштат сексуалната работа.
- На ниедна личност не треба да и се ограничи вработување или да биде отпушена од работа поради вклученост во сексуална работа.