Феминистички манифест за поддршка на правата на сексуалните работнички

СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, го потпиша Феминистичкиот манифест на правата на сексуалните работнички, кој беше објавен во склоп на кампањата за одбележување на 8ми март, Меѓународниот ден на жената. Овој манифест е подготвен од страна на сексуални работници, феминистки и активисти за сексуални работници од Европа. Процесот на изготвување е координиран од Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа (ICRSE). Манифестот има за цел да ја визуелизира поддршката на женските права и феминистички организации, групи и колективи и феминистички поединци за признавање на сексуалната работа како работа и декриминализација на сексуалната работа.

Како потписнички на манифестот ја изразуваме нашата поддршка за самоопределување на сексуалните работнички како и за признавање на сексуалната работа како работа. Со оглед на загрозеноста на женските права, репродуктивните права и родовата еднаквост ширум Европа и Централна Азија, изразуваме солидарност кон сексуалните работнички, коишто се соочуваат со безброј форми на насилство: од структурно и институционално до физичко и меѓучовечко. Со цел да се спречи систематското угнетување на сексуалните работнички, бараме од сите феминистки да ги насочат своите ресурси кон вклучување и зајакнување на гласовите на сексуалните работнички во движењето и да престанат со промоција на законски рамки кои се штетни за правата на сексуалните работнички.

Се залагаме за феминистичко движење кое ќе ја лоцира родовата нееднаквост во патријархалните, капиталистичките и во супериорните белечки општества, и кое ќе ги вклучи транссексуалните лица и сексуалните работници. Нашите кривично-правни системи се угнетувачки и затоа сметаме дека засиленото спроведување на законите, кривичното гонење и затворските казни како примарно решение за насилството кон жените, транссексуалните лица и за родовата нееднаквост не е соодветно. Напротив, ние веруваме во интервенции во рамките на заедницата, долгорочно организирање и мобилизација како одговор на комплексноста на насилството против жените и транссексуалните лица, како и за економските нееднаквости и за недостигот на пристап кон мрежи и услуги за социјална заштита.

  1. Сметаме дека сексуалните работнички се експерти во поглед на сопствениот живот и нивните потреби. Феминизмот, како што правел во минатото, треба да го поддржува женското застапување и самоопределеноста во однос на нивната работа и нивните тела. Сексуалните работнички не треба да бидат исклучок.
  2. Ја почитуваме одлуката на сексуалните работнички да се занимаваат со сексуална работа. Како феминистки ги отфрламе мизогинистичките изјави во кои се тврди дека сексуалните работнички „ги продаваат сопствените тела“ или „се продаваат себеси“: тврдењето дека сексот повлекува да дадеш или да изгубиш дел од себеси е навистина анти-феминистички. Вредноста на жените не опаѓа со сексот. Понатаму одбиваме какви било анализи според која сексуалните работнички придонесуваат кон „комодификацијата на жените, сексот и интимноста“. Не смееме да ги обвинуваме сексуалните работнички дека им предизвикуваат штета на другите жени; тоа го прави патријархалното општество и другите угнетувачки системи.
  3. Ја потврдуваме способноста на сексуалните работнички да дадат согласност. Изјавата дека е невозможно да се даде согласност во сексуалната работа ја попречува способноста на сексуалните работнички да одредат сопствени граници, како и можноста да се изјаснат против насилството. Да се пропагира идејата дека клиентите ги „купуваат“ телата на сексуалните работнички или нивната согласност – и со тоа можат да им прават што сакаат – повлекува реални опасни последици по животот на сексуалните работнички. Понатаму, претпоставката дека сексуалната работа претставува форма на насилство води кон преземање остри мерки против сексуалната работа во име на борбата против насилството – иако заострените мерки кон сексуалната работа всушност ја зголемуваат ранливоста на сексуалните работнички кон насилство.
  4. Се залагаме за мерки со кои ќе се овозможи вистинска помош и поддршка на жртвите на трговија со луѓе, со целосна почит кон заштитата на нивните човекови и работнички права. Исто така, го отфрламе поистоветувањето на миграцијата, сексуалната работа и трговијата со луѓе. Како резултат на истото сексуалните работнички кои мигрираат стануваат мета на полициското угнетување и полициски рации, притвор и на депортација, и се принудени да работат на мрачни локации каде стануваат поранливи на насилство и експлоатација.
  5. Се бориме за елиминирање на сите форми на насилство против сексуалните работнички. Сексуалната работа не е форма на сексуално насилство, но сексуалните работнички се особено ранливи на сексуално насилство како и насилство од страна на нивните интимни партнери како резултат на криминализацијата и честото вкрстено угнетување како сексизмот, курвофобијата, хомофобијата и трансфобијата, расизмот и класната дискриминација. Угнетувањето и криминализацијата предизвикуваат поголема ранливост на сексуалните работнички на насилство од страна на поединци, социјалните служби, полицијата, претставници од имиграционите служби и судството. Во услови кога сексуалната работа се смета за насилна самата по себе и согласноста на сексуалните работнички како невалидна, се нормализира насилството против нив.
  6. Макотрпно се трудиме секојдневно да ја запреме мизогинијата во сите сфери на животот. Мизогинијата не е причинета од сексуалната работа, но се јавува како одговор на женските постапки и избори без разлика дали се работи за шминка, абортус или продавање на сексуални услуги. За нас мизогинистичките мислења и дела претставуваат проблем и ги одбиваме повиците за промена или елиминирање на однесувањето кое „провоцира“ мизогинија. Обидот да се елиминира сексуалната работа затоа што наводно провоцира мизогинија значи согласување со лицата кои изјавуваат дека одредени женски постапки – на пример продавањето на сексуалните услуги – самите по себе заслужуваат мизогинистички напади.
  7. Ги почитуваме правата на мигрантите. Жените кои мигрираат се соочуваат со ограничен пристап до работа и често ограничен или воопшто никаков пристап до социјална заштита. Дел од нив бараат спас во продавањето на сексуални услуги како резултат на ограничените можности да заработат за живот. Со криминализацијата на клиентите и другите форми на криминализација на сексуалната работа, сексуалните работнички – мигранти се под постојана закана од полициско насилство, апсење и депортација, негирање на нивното право на пристап до правда и праведност. Криминализацијата на клиентите го елиминира нивниот приход а притоа не им нуди никаква алтернатива за опстанок.
  8. Ги поддржуваме ЛГБТ правата. Отфрлањето на ЛГБТ лицата од страна на нивните семејства, пречките во образованието и при вработување во циссексистичките и хетеронормативните општествени структури често резултираат со тоа што сексуалната работа се јавува како една од ретките можности за финансирање и вработување за ЛГБТ лицата, особено за транссексуалните жени. Законите против сексуалната работа не се од никаква корист за ЛГБТ и транс лицата бидејќи со нив не се разгледуваат комплексните аспекти на општествената маргинализација. Ова е особено точно во случајот со транссексуалните жени бидејќи законите со кои се криминализира сексуалната работа се применуваат за профилирање и прогонување на оваа група, без оглед на тоа дали самото лице е всушност сексуална работничка или не.
  9. Бараме сексуалната работа сосема да се декриминализира. Постојат цврсти докази дека шведскиот модел и други форми на криминализација на сексуалната работа им наштетуваат на сексуалните работнички. Шведскиот модел води кон сиромаштија, ја намалува нивната моќ во преговорите со клиентите, ги криминализира оние што работат во групи заради безбедност, предизвикува нивно иселувања и депортација. Со тоа што ќе им овозможи на сексуалните работнички да се организираат како работнички, декриминализацијата ја намалува ранливоста на сексуалните работнички на експлоаторските работни практики и насилството.
  10. Го креваме гласот против зголемената прекаризација на жените во трудот. Од историски аспект во западните капиталистички и патријархални општества, работата на жените (домашната работа, нега, сексуалната работа, емотивната работа) која се подразбира како „женска“ е потценета, недоволно платена или се смета за невидлива и неплатена. Глобално, жените, вклучително и сексуалните работнички, имаат работни места кои се помалку платени и помалку стабилни: работат во експлоататорски услови – од криминализација, сезонско или привремено вработување до домашна работа, со флексибилно или привремено вработување, до склучување поддоговори, хонорарна работа или како само-вработени лица. Сексуалната работа има сличности со негата затоа што во главно се поврзува со жени, често со мигрантки или жени со поинаква боја на кожата. Лицата што работат во областа на негата, исто како и сексуалните работнички често не ги уживаат истите работнички права како работниците кои работат на места во главно сметани за машки работни места. Затоа при застапувањето за правата на сексуалните работнички треба да се нагласат нивните работнички права и да се разрешат опасните работни услови и експлоатацијата во сексуалната индустрија, како и да се застапува за законска рамка со која ќе им се даде моќ на сексуалните работнички како работнички.
  11. Бараме вклучување на сексуалните работнички во феминистичкото движење. Нивното вклучување e од непроценлива важност, енергија, диверзитет и искуство во однос на мобилизацијата за нашето движење и ги предизвикува нашите претпоставки за родот, класите и расите. Сексуалните работнички биле првите феминистки во светот и нашето општество би било осудено на пропаст без нив.

 

Tags: , , , , , , ,