Кога започна да работиш како трансроден сексуален работник?
Како транс сексуална работничка почнав да работам на 17 годишна возраст, и претходно сум работела, но како машко. Дознав за сексуалната работа и мојот сексуален живот уште на 12 годишна возраст, потоа на 14 години бев во врска со еден дечко од албанска националност, со него бев 4 години во врска. Откако се разделивме почнав да ја работам сексуалната работа, да нудам секс и сензуални услуги како машко и како женско. Ми се свиѓа да бидам жена, но понекогаш морам да бидам и машко особено кога сум со семејството.
Дали твоето семејство знае дека си трансродово лице?
Моето семејство не знаеше ништо до пред неколку години. После долго време ме открија дека се облекувам како женско и работам како сексуална работничка, и ми дадоа две опции или да бидам машко да се оженам и да имам своја фамилија и деца, или пак да се отселам и да живеам сам. Јас секако прифатив да живеам сама, не сакав да бидам затворена во моето тело. Сакам да бидам жена и да ја работам оваа работа што ја сакам за цел живот. Се преселив во Скопје, и почнав да работам сама, иако мислев дека ќе ми биде полесно, сепак ми стана пекол. Кога излегував во јавност како жена, ме малтретираа, омаловажуваа и навредуваа. Дури неколку пати сум била нападната од некои што не знаат што е транссексуалец.
Може ли да раскажеш некоја случка од твојот живот кога си била нападната или малтретирана?
Пред две години, бев нападнат од непознато лице само затоа што бев облечен како жена. Тоа се случи токму пред мојата зграда. Ми рече: „Оваа населба не е за хомосексуалци, во Македонија не смее да има хомосексуалци. Оваа земја е традиционална и не сакаме да постојат никакви транссексуалци и хомосексуалци“.
Дечкото ми удри шамар, јас успеав да избегам од него, но тој почна да ме следи со кола. Се јавив во полиција. Бидејќи полицијата не дојде, тргнав накај полициска станица Беко и таму им го раскажав случајот. Беа двајца полицајци од кои еден Албанец и еден Македонец, и додека ми земаа изјава, ми се слоши и за малку ќе паднев во несвест. Побарав од нив да ми повикаат Брза помош, но едниот од нив ми се развика и ми рече: „Нема да има Брза помош за тебе. Не е ова Европа како што мислиш ти“.
Откако го најдоа напаѓачот преку регистрацијата на колата, го повикаа во полициска станица, но излезе дека тој бил другар на еден од полицајците. После тоа почнаа грубо да се однесуваат со мене. Ми се закануваа и ме натераа да напишам лажна изјава. Јас бев приморана да напишам тоа што ми кажуваа, бидејќи ми се закануваа дека ќе ми го викнат моето семејство, или дека ќе го свртат целиот случај против мене. Откако ја потпишав изјавата, побарав на Интернет и ја најдов адресата на Народниот правобранител и ги исконтактирав во врска со овој немил настан. Потоа, почнаа со процедури, се покрена постапка, но сепак не се заврши како што сакав, и како што секој граѓанин на оваа држава заслужува да има еднакви права.
Што правиш сега во моментов, дали се уште ја работиш оваа работа?
Сеуште работам како сексуална работничка, но не во Македонија. Веќе една година живеам во Белгија, таму живеам со мојот дечко. Причината поради која ја напуштив мојата земја, е тоа што не се чувствував воопшто безбедно во Македонија. Постојано ме малтретираа и напаѓаа буквално од сите страни. Јас како граѓанин на Република Македонија немав заштита ниту од полиција, нити од институциите на државата.
Како отиде да работиш во Белгија?
Заминав за Белгија да си ја пробам среќата. Претходно многу читав за тоа кои земји во Европа се безбедни за нас транссексуалците, и затоа одлучив да заминам токму таму. Откако стигнав, два дена спиев во хотел, потоа отидов да се пријавам како азилант. Кога се пријавуваш за азил во Белгија, првиот ден те регистрираат, ти прават здравствени прегледи и ти земаат лични податоци со цел да откријат дали претходно и во некоја друга земја си барал азил. Откако се осигураа дека ова ми е прво барање, почнаа да ми прават интервјуа. До сега имам направено две интервјуа. На едно од интервјуата им покажав и документи од претходно пријавени случаеви во суд за насилство и покренати постапки додека живеев во Македонија, од кои за едниот случај добив на суд. Според тие документи, Белгија по три недели одлучи да ми даде позитив, т.е пет години престој во нивната држава. Имав прилика да се преселам од кампот каде што претходно престојував во social house. Откако се преселив таму, почнав со процесот на интеграција, т.е почнав да ги учам законите на Белгија. Почнав да учам и јазик, затоа што таму се зборуваат два јазика, холандски и француски, но затоа што јас живеам во Антверпен, таму се зборува холандски на институционално ниво.
Откако успеав да средам со престојот таму, Белгија започна да ми дава социјална помош додека не го научам целосно јазикот и потоа откако ќе завршам со тоа, државата ќе ми бара и работа. Јас можам да одберам што сакам, бидејќи нема да бидам дискриминирана, затоа што таму сите имаат еднакви права. Но, јас се уште работам таму како сексуален работник, затоа што така најубаво се чувствувам. Сексуалната работа мене ме исполнува.
Дали планираш некогаш да се вратиш во Македонија?
Искрено не планирам повеќе да се вратам да живеам во Македонија затоа што за нас, трансродовите лица, таа воопшто не е безбедна земја. Би дошла само на одмор, два дена, три, да го видам моето семејство. Тие сега веќе знаат што работам и се гордеат со мене.