Транс заедницата во Македонија е разнолика и сите транс луѓе заслужуваат еднаква почит, заштита и безбедност, без разлика како изгледаат

Ситуацијата на транс лицата во Македонија е генерално лоша, пред сé поради недостатокот од заштита. Оваа маргинализирана популација воопшто не е заштитена од дискриминација и насилство врз основа на родовиот идентитет. Тоа значи дека е потребно правно признавање на родот, и измени на Кривичниот Законик за експлицитно да се забрани насилство врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација. Проблемите со кои се соочуваат транс луѓето можат да се поделат на правен и медицински дел. Правниот дел се однесува на промената на документите. Тоа опфаќа промена на името, ознаката за пол и матичниот број. Сеуште Министерството за правда не спроведува постапки за промена на ознаката за пол, ниту пак Министерството за внатрешни работи им издадава нови матични броеви на трансродовите лица кои ги имаат променето своите документи врз основа на самоопределување. Медицинскиот дел се однесува на достапноста на медицинските услуги специфични за потребите на оваа популација како и општите здравствени услуги. Сеуште транс луѓето се соочуваат со дискриминација и насилство при обидите да добијат адекватна здравствена услуга.

Повеќе за ситуацијата на транс луѓето во Македонија како и за сопствениот живот и процесот на транзиција зборува Бојан, во следново интервју.

Како медицинските промени и интервенции влијаат на твојот приватен живот?

Бојан: Медицинските промени ја кренаа мојата самодоверба којзнае колку пати. Тоа ми овозможува без страв да дејствувам и да бидам социјално активен без да мислам на тоа дека нешто ќе се забележи. Изгледам исто како и секој друг маж. Немам никаков проблем со луѓето околу мене. Меѓутоа, кај мене е проблем промената на документите. Името ми е сменето, ама буквата е уште Ж и матичниот број е со 455. Во моментов тоа влијае на пример на мојата можност да патувам надвор од државата со луѓе кои не ме знаат од порано – во тој случај би дознале сѐ и којзнае како би реагирале. Проблемот со документите влијае и на многу други работи, но тие се главно поврзани со институциите.

На која возраст започна со процесот на транзиција?

Бојан: На 23 години. Се потсеќам на детството – уште од тогаш знаев дека јас се гледам на еден начин, а луѓето околу мене ме гледаат на друг. Сигурен бев. Ама тоа беше одамна, а живеев во средина во која тешко се доаѓаше до информации и поддршка. Не можев да го именувам чувството и не знаев како да го објаснам. За среќа, денес е за нијанса полесно. На 23-годишна возраст веќе имав расчистено сѐ со роднините и пријателите и знаев дека е време. Сакав да земам хормони (тестостерон) како за почеток, затоа што тогаш немав пари за хируршки интервенции. Од причина што сѐ ми беше расчистено и со поддршката од семејството имав стабилна основа, брзо помина делот со одобрувањето од страна на докторите (бев во Белград) и набрзо започнав. Нивото на среќа и задоволство во мојот живот стана огромно, за разлика од претходниот период кој за мене беше многу тежок и изразено депресивен. Многу пати посакував сѐ да заврши. Но откако почнав, ми се врати волјата да живеам и да правам позитивни промени.

Дали твоето семејство, роднините и пријателите знаат дека си транс маж?

Бојан: Да, сите се запознаени со тој факт. Секако на почетокот имаше луѓе, пред сѐ роднини, кои се противеа, очекувано, имаше и луѓе со кои оттогаш во период од повеќе години немав контакт. Но еве сега повторно се поврзуваме и од нивна страна нема никакви негативни забелешки. Напротив, супер е. И колку повеќе од нив се во контакт со мене, така и нивните потесни семејства се одлучуваат да се придружат. Па ако тоа не е супер, не знам што е. На другите транс луѓе им посакувам да им е уште полесно со семејствата и пријателите, иако сум свесен дека многу од нив во моментов се далеку од таква ситуација.

Како мислите дека се третираат трансродовите лица во општеството во целост?

Бојан: И кај нас, и надвор од Македонија, ситуацијата е генерално лоша. Има само неколку држави во кои може да се променат документите без да ве тераат сосила да легнете под нож. А и тоа ве тераат сами да го платите, затоа што не е достапно и на никого не му е гајле што не можете да најдете никаква работа поради дискриминација. Меѓутоа, најстрашниот дел е насилството. Транс луѓето во многу држави се тепани и убивани само поради тоа што сакаат да живеат според тоа што го чувствуваат. Тоа е хорор. На интернет можат да се најдат бројни приказни. Тоа се вистински луѓе, кои само сакале да бидат среќни. Има и деца меѓу нив, кои оставиле пораки пред да се самоубијат. Очигледно нивната среќа некому пречела. Тоа кажува многу за вредносниот систем во општеството. На луѓето им е најлесно да мразат. Не размислуваат за последиците. Во однос на искуствата, препорачувам да го прочитате истражувањето Трансродовото искуство од Славчо Димитров, издадено од Коалиција Маргини, го има на нивниот сајт. Ова е едно неверојатно остварување на нашиве простори и не смее да се прескокне.

Дали сте имале лошо искуство со институции, или пак некоја немила случка/инцидент во јавноста во последните години поради промената на вашиот изглед и неусогласените документи?

Бојан: Веќе не знам ни колку се на број. Премногу се. Повеќе од седум години сум во процесот, чекам, чекам и упорно чекам од институциите да утврдат дека јас постојам и дека имам право на квалитетен живот без да се објаснувам секаде. А објаснувањето е неизбежно. На сите нешто им е чудно, сите нешто прашуваат. Сите гласно кажуваат „Еј, зошто ти е женски матичниот број?“ пред цела чекална луѓе. И морам да објаснам затоа што сакам да ја добијам услугата. Честопати и покрај објаснувањето не ја добивам. Ова се случува секаде: ми се случи на факултет, во банка, во пошта, на клиника, во ФЗОМ, во МВР при издавање лична карта и пасош, на граница… Како јас да должам некому објаснување зошто постојам. Не, тие ми должат мене објаснување зошто јас сум лошо третиран без причина и приватноста ми е целосно нарушена поради нивната несензибилизираност.

Колку безбедно се чувствуваш кога одиш по улица, или на некој јавен настан?

Бојан: Јас лично се чувствувам прилично безбедно затоа што во мојот изглед нема ништо што би можело да натера некого да се сомнева. Меѓутоа има многу транс луѓе кои немаат започнато со медицинска транзиција или кои се на почетокот, и кај нив уште има елементи кои се забележливи. А луѓето зјапаат и којзнае што можат да направат. Од искуства на пријатели знам дека дофрлувања има постојано. Понекогаш и насилство. Ова е нешто што мора да се промени. Има транс луѓе кои поради своето здравје не смеат да земаат хормони, на пример, иако сакаат. Или пак поради здравствени ризици не смеат да добијат анестезија за да направат хируршка интервенција, иако сакаат. Ставени се во ситуација или да се кријат и да се чувствуваат ужасно, или да излезат надвор во облека која е во согласност со нивните чувства и да бидат изложени на дискриминација и насилство. Не може и не смее да се очекува од сите транс луѓе да се „вклопат“. Не е тоа еднодневен процес. Заедницата е многу разнолика. Сите транс луѓе заслужуваат еднаква почит како и другите, заслужуваат заштита и безбедност, без разлика како изгледаат.

Што мислиш дека им е најпотребно на трансродовите лица во Македонија?

Бојан: Па, има повеќе работи. Прво, исто како да не постоиме – нѐ нема во ниеден закон. Ништо не е регулирано. Немаме никаква заштита. Очекувам родовиот идентитет заедно со сексуалната ориентација да влезат во новиот закон против дискриминација. Очекувам заштита од насилство во Кривичниот законик. Очекувам медицинските услуги да бидат овозможени, затоа што во моментов скоро цела држава ја прекршува одредбата за постигнување на највисоко можно ниво на здравје и други одредби од Законот за заштита на права на пациенти, на пример. Очекувам брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот (промена на документите), врз основа на самоопределување и без услови за никакви медицински интервенции, затоа што тоа го напаѓа нашиот телесен интегритет, а тоа е уставно загарантирана категорија. Во моментов има некои успешни судски случаи за промена на документите, но регулатива сепак нема. И очекувам сите овие работи да бидат направени согласно нашето право на приватност. Но, една од најважните работи е – очекувам нашето општество да сфати дека постоиме, дека сакаме само среќно да живееме – да станеме наутро, да јадеме, да одиме на работа, после работа да прошетаме со друштво, да гледаме филм и да си легнеме. Нема никаква причина, ниту потреба од неприфаќање и омраза. Од лично искуство и од искуствата на пријатели знам дека луѓето најдобро учат за ЛГБТИК+ темите кога имаат некој близок. Во одлични односи сум со семејството и пријателите и верувам дека тоа може да се пренесе и кај другите транс луѓе и нивните семејства и пријатели. Треба само малку добра волја.

Дали знаете некое здружение/организација каде што може да се обратите доколку ви требаат информации во врска со правни аспекти и каде што можете да ја добиете поддршката што ја барате?

Бојан: Па има неколку, меѓутоа јас сум највеќе во контакт со Коалиција Маргини, каде што транс луѓето се дел од клучните целни групи за работа. Таму веќе со години добивам и правна помош. Тие имаат искусни правници кои го имаат анализирано системот и законите и се многу чувствителни на потребите на заедницата. Може да се добие и психолошка поддршка доколку има потреба. Имаат издадено бројни анализи и прирачници за заедницата.

Кои се твоите предизвици во животот како трансродово лице?

Бојан: Моите предизвици се во најголема мера фокусирани на проблемот со документите. Тоа е нешто што ќе го туркам до крај – веќе поминаа над 7 години но крајот веќе се гледа. Ова не е само моја потреба туку и на целата заедница. Поважно е отколку што изгледа затоа што директно влијае на пристапот до домување и работа. Јас имав среќа, имам поддршка од семејството, но замислете транс лице кое 7 години чека за промена на документи, 7 години да не може да најде стан или работа поради тоа што не му е одобрена промената. Затоа е многу важно да се оди до крај. И би сакал, буквално лична желба ми е, да видам поголем дел од транс заедницата како се активира и го бара тоа што им следува, а им е ускратено. Ние сме рамноправни граѓани и мора да бидеме третирани како такви.

Tags: , , ,