ТрансФормА е заедница на трансродови лица која работи на остварување на правата на трансродовите лица и нивно достоинствено претставување. Првичната идеја за оформување на оваа иницијатива е пред сè здружување на трансродовите лица и нивно заедничко делување во насока на препознавање на оваа заедница, правно признавање на родот и општествено прифаќање.
Почетоците на ТрансФормА се во просториите на Коалиција Маргини, во 2011 година. Првичните средби се користат за дружење и мапирање на проблемите и потребите на оваа маргинализирана група. Тогаш познати само како „транс група“, овие луѓе преку своите контакти со други граѓанските организации и поддржувачи, започнуваат да создаваат видео материјали и мали прирачници кои би им биле од корист на сите од заедницата. Групата има и своја развојна фаза во рамките на ЛГБТИ Центарот за поддршка, во форма на транс група за поддршка. Тука започнуваат контактите и обуките со психолози, психијатри, како и претставниците на медицинските тимови и активистичките групи од Белград.
По 2014 година, оваа група функционира без своја матична локација, меѓутоа континуираната соработка со Коалиција Маргини во однос на различни анализи, истражувања и други видови материјали доаѓа до израз. Се прави неформална мрежа од активистички ориентирани луѓе, но и од медицински лица од различни специјалности, со кои се воспоставува неформален тим кон кој можат да се упатат трансродовите лица за да добиваат здравствени услуги, при тоа без да бидат осудувани и дискриминирани.
Во 2018 година, ТрансФорма со помош на Коалиција Маргини го добива својот прв проект од Глобалниот Фонд, преку Евроазиската Коалиција за машко здравје. Се реализираат обуки за комуникациски вештини, обуки за застапување и слично. Транс заедницата е сѐ поприсутна на јавните настани поврзани со ЛГБТИ заедницата. Кон крајот на 2018 ТрансФормА го започнува и вториот проект, кој е сѐ уште во тек. Со продолжување на обуките за застапување, се организираат работилници за креативен активизам, при тоа формирани се работни групи, како и тим за застапување во соработка и со членови на други организации-поддржувачи. Во овој период, ТрансФормА се во фаза на подготовка на официјално регистрирање на својата организација, со цел да ги застапува и заштитува правата на трансродовите лица во Македонија.
ТрансФормА за прв пат спроведе еднонеделна кампања по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица во Северна Македонија. По тој повод, на 31.03.2019 за прв пат се организираше Марш на видливоста во центарот на Скопје, со цел да се зголеми видливоста на транс заедницата и да се подигне свеста кај општата популација за прифаќање на трансродовите лица.