Стотина патници од урнатиот малезиски авион оделе на конференција за СИДА во Австралија

Организаторите на Меѓународната конференција за СИДА во Мелбурн утрово изјавија дека глобалната ХИВ заедница е во жалост за загубата на стотина од 283-те патници на малезискиот авион што вчера се урна во Украина.

Авионот „Боинг 777“ летал од Амстердам за Куала Лумпур, од каде дел од патниците требало да продолжат за Мелбурн за да присуствуваат на Меѓународната конференција за СИДА.
Загубата е огромна изгубивме големи и силни активисти, здравствени работници и експерти за ХИВ/СИДА – истакна Претседателката на Меѓународната заедница за СИДА, Французинката Франсоаз Баре-Синуси.
-
Меѓу жртвите биле и неколку светски познати научници и активисти во борбата против СИДА-та. Листата на патници сè уште не е објавена, но се знае дека меѓу загинатите е поранешниот претседател на Меѓународната ХИВ/СИДА организација Јуп Ланге, како и медиумскиот советник на Светската Здравствена Организација Глен Томас.

Се верува дека на листата на загинати се наоѓаат и Пин де Кујер и Мартине де Шутер, кои работеа за организации поврзани со ХИВ/СИДА.