Став: Елизабета Серафимова Зафировска

И со причина и со повод!!!
Да напишам ли?!

Едноставно, ме мрзи да истражувам податоци и бројки. Ме мрзи да вложувам толкав труд, кога тие податоци можат да се прикажат како сакаш. Статистиката, ако не е најстарата, тогаш е дефинитивно најуспешната “работничка“. Секој кој може да си дозволи да и’ плати, може и да побара каква сака услуга. Дали резултатот да му “легне“ хоризонтално, или вертикално, да се чита дијагонално, однапред или одзади, а може да побара и нешто порадикално доколку плати екстра.
А, надвор од статистиката, во игрите на зборови, во семантиката каде секој збор има поинакво значење, некои сакаат својата омраза, своите предрасуди и вулгарноста да ги прикажат како едноставен и незлонамерен “народски“ говор.
Епа народски нели, главните протагонисти во темава, некогаш, а и сега “незлонамерните“ ги викаат курви.
Или, како што стои во Дигиталниот речник на Македонскиот јазик (http://www.makedonski.info):
Вид збор: Именка, женски род
1. блудница, развратница
Употреба: Вулгарно
Примери: евтина курва, градска курва, војничка курва, Слично со: проститутка (ж.)
2. неверна жена
Употреба: Вулгарно , Преносно значење
Примери: Го изневерува курвата.
3. Човек на кој не може да му се верува, бескарактерен човек.
Употреба: Вулгарно , Преносно значење
Примери: Овој е курва апашка.
Изведенки:
1. курвиче, курвичиња
2. курвичка, курвички
3. курветина, курветини
4. курвиште, курвишта
И, се разбира, секаде стои употребата: ВУЛГАРНО.
И, секогаш е во женски род, па дури и кога се употребува во преносно значење.
И, ајде сега напиши непристрасен текст за сексуалната работа!
Кога се’ е јасно – по дефиниција тоа се некои жени кои никој не ги сака зашто се развратни, неверни, апашки! Постојат отсекогаш, го работат “најстариот занает“ , никој не ги сака во своја близина, срамно е тоа што го прават и како живеат (живеат), сите ги осудуваат, се смета дека е најдобро да ги снема…ама…тоа никогаш не се случило. Освен нивната еволуција од курви во проститутки, а сега и во сексуални работнички. Само што во поново време, или што би рекла статистиката порано ги немало(ете на ова мислев за статистикава), а сега се појавија и некои субјекти кои не се жени. Во светот на “мажите“ некако како да беше поедноставно да се проголта дека овие срамните се жени, зашто блудничењето, неверноста, вулгарноста е својствена на жените! Колкав ли удар претставува врз “машкоста“ што со оваа “невидлива“ професија се занимаваат и мажи!
Сепак, мора нешто да е погрешно во статистикава!
Зашто, кога има понуда, има и побарувачка! Толку едноставно, толку “пазарно“. Значи ли тоа дека не бегаат баш сите од нив, дека сепак има луѓе и од другата страна, од онаа која има потреба од овие услуги, но и контрадикторна и неверојатна потреба да ги покријат со превезот на невидливоста?
И, дали е ова најголемата дволичност на човековото постоење?!
Ете, затоа не сакам да го пишувам текстов. Зашто двојниот морал и лажните вредности ќе прикажат и лажни статистики. А, се работи за луѓе. Луѓе за кои “поштените“ не знаат ништо! Луѓе кои не се невидливи, луѓе кои работат и заработуваат за живот. Невидливоста само ги прави ранливи и подложни на сите можни насилства, физички и психички, ги прави подложни на сите болести и повреди, на сите злоупотреби, но, еј…нели не можеш да повредиш нешто што е невидливо!!!
Па сепак, во некои земји проституцијата се легализира! Во тие општества проституцијата е работа, луѓето се работници, заработуваат за живот, плаќаат даноци, здравствено се осигурани, ставени се од “другата страна на законот“ и живеат достоинствено. Во тие општества луѓето не се срамат да признаат дека имаат потреба од сексуални услуги. Во тие општества сексуалните работници не се невидливи, заработуваат и со тие средства ги издржуваат своите семејства. И не само што се здравствено осигурани, туку се и здравствено заштитени од болести, но и од физички напади и злоупотреби.
И се чини дека ова е толку едноставно и лесно разбирливо, па зошто тогаш ние се мачиме едноставното да биде сложено? За сите!
И, тука доаѓаме до оној момент: а, зошто “добрите и чесни“ луѓе толку упорно се трудат оваа нивна страна да остане невидлива? Зошто е тој вековен срам од себе? Не само тоа!
Некаде прочитав изјави од образовани луѓе кои сметаат дека легализацијата на проституцијата го загрозува емоционалниот контакт меѓу луѓето, а поистоветувањето на љубовта и сексуалноста со нешто што може да се купи со пари е негативен мотив за нив, и нешто што тешко можат да го објаснат на своите деца!!!
Не ме изненадуваат ставовите, веќе видено, но ме изненадува што школувани луѓе, професионалци, сметаат дека ако не постои легализацијата, нема да постои ниту “опасноста“ за која зборуваат.
Значи кратко: ако се преправаме и сме дволични, ја заштитуваме љубовта, ги заштитуваме емоциите и исконската потреба да љубиме, ја заштитуваме нашата сексуалност од “валканиот секс“!!!
Ме изненадува тоа што за нив љубовта и сексуалноста се одвоени од “сексуалните апетити“.
Дали е можно образовани луѓе се’ уште да се мачат со сексот како “неморална вредност“?
Дали е можно луѓе кои учеле, испитувале, истражувале, да го занемариле фактот дека здравиот однос кон сексот значи и здрава и псхихофизички нормална личност?
И дека двоењето на сексот од љубовта создава фрустрации, депресии, несреќни луѓе, па дури и самоубиства?
Дали е можно се’ уште да го мешаме здравиот секс со болни и насилни склоности?
Што е најконтрадикторно, на луѓето не им пречи што некои од нас ги имаат тие склоности и што под превезот на невидливоста ги реализираат токму врз сексуалните работници. Гревот е што ваквиот секс може да се купи со пари.
Се’ додека општеството не го легализира овој “грев“ ние сме безбедни! Не, се извинувам, нашите љубовни чувства и нашата сексуалност се безбедни!
И исчистени од грешниот секс кој ете, замислете се купува со пари!!! Од страна на “добрите и чесни“, духовно чисти и морално безгрешни луѓе! Не го велам ова јас, туку токму школуваниве, исплашените за љубовта и емоциите. И со тоа фрлаат анатема и врз едните и врз другите!
Е, сега е моментот, оној за статистиката, каде што би ги објавила бројките на разводи, на неостварени семејства, на несреќни врски, на трагични љубови, на луѓе кои во потрага по љубовта единственото што го наоѓаат или го нудат е сексот.
И, сето тоа во општества во кои проституцијата НЕ Е легализирана!!!
Луѓето љубат да ги сокриваат вистинските причини за тоа што им се случува, (не само поединечно, туку и како општествена појава), и поедноставно им е да го вперат прстот кон она што делува најпримамливо.
А, дволичноста, кризата на моралот и етиката, малодушноста и лажните вредности толку убаво и лесно се “објаснуваат“ со “влијанието на грешниот секс“.
И не знам во кој контекст и со кое значење би било ако сега напишам колку и дали во Македонија има проституција, колку сексуални работници се заразени, колку работат со болестите што ги носат, колку сексуални работници се оваа година нападнати, претепани или убиени, колку од нив се “домашни“, а колку се “донесени“ од други земји, па да ги споредам овие податоци со други години и други држави за да докажам дека проституцијата не е никаков проблем, или дека е проблем кој се зголемува од година на година и треба да се легализира.
Иако ја сокриваме под превезот на невидливоста, сите ние ја знаеме вистината за проституцијата и сексуалните работници!
Можеме да ги затвораме очите и да се претвораме дека ги нема, но тие се тука, стојат до нас во автобус или на каса, ја пробуваат облеката во продавница , седат до нас во болница, во театар, во ресторан, пијат од истите чаши во кафеаните и кафиќите! Зашто тие се луѓе, а тоа што се правиме дека ги нема не значи и дека во кругот на нашето постоење немаме контакт со нив. Па, тие имаат односи со нашите татковци и мајки, со нашите браќа и сестри, со некој што ви подготвува храна или ви подава чаша. Нивните болести, нивната скршена душа, нивното тело прекриено со болка и нивните мисли заразени со омраза не’ допираат секој ден, насекаде. Ооооо, да, нека се преправаме ние колку сакаме, тука се. И такви се какви што се, зашто ние не сакаме и не дозволуваме да биде поинаку. НИЕ кои го “спонзорираме“ и го одржуваме нивното постоење. Кој е тој дел во нас, обични, незлонамерни и добри луѓе, кој толку упорно се спротиставува на можноста да живееме опкружени со среќни луѓе?! Кој не ни’ дава конечно да сфатиме дека двојниот морал и искривените вредности се во нас?! И кој ни’ дава за право да судиме, да осудуваме, да си играме со нечии животи и нечии судбини, иако во исто време сме дел од истата приказна?! Тоа е факт, а не само нечија филозофска мисла. ФАКТ! “Цело е кога има се’ “! Епа, не може да биде цело без сите нас во него.
Дека е тоа проблем, е проблем, но во самите нас! Дека постои-постои, но како последица, а не како причина! И дека причината за игнорирањето не е во заштита на нашата “безгрешност“ од нешто што е толку срамно зашто можете да го купите со пари! Причината за игнорирањето на видливоста и легализацијата на нешто што се појавило со првиот момент на нашето постоење е што упорно сакаме да ја одржиме сликата за нас како духовни битија кои мораат да се ослободат од срамот што го носи нашето физичко постоење, зашто духовното нема “грешни мисли и потреби“, но физичкото има. Она што го сакаме и кон кое се стремиме е сите да се издигнеме од курва во светица, и по можност да зачнуваме од чистиот здив на ветрецот! Се’ до моментот кога сепак ќе падне мракот и ќе сфатиме дека има и нешто физичко во нас, нешто што сепак е толку чисто и морално, но…ние веќе се мразиме себе си’, и под превезот на мракот ќе појдеме за тоа да ги “обвиниме“ грешниците и да ги помножиме со НУЛА кога ќе се појават првите зраци на сонцето…ЗАШТО ТАКА НИ’ Е ПОЛЕСНО НА ДУШАТА…А, ЗА НЕА СЕ РАБОТИ, НЕЛИ!!!
А, што е со нивната душа? Што е со нивните емоции? Дали се уморни, гладни, исцрпени, искористени, понижени? Дали имаат семејства? Дали ги сакаат своите деца исто колку и ние? Зашто, во трката за живот, тие жртвуваат многу за нив, дури можеби и многу повеќе од нас! Дали и тие се вљубуваат и во кој дел од денот имаат време да чувствуваат? Зашто, тие СЕ луѓе!
И, на крајот, сите кои мислат дека знаат многу и дека ја имаат моќта на контролата врз својот живот и врз животот на другите луѓе, нека си кажат онака, во себе, нека си признаат само на себе, колку пати во денот се чувствуваат како “курва“…и тоа, како многу малку платена “курва“.
За разлика од оние другите кои ја работат истава работа, но “народски“ и било како кажано – официјално имаат и друга професија и друг општествен статус, и се пожелни, и прифатени, и почитувани.
Само семантика е во прашање!!!

Автор: Елизабета Серафимова Зафировска