Совети за заштита од КОВИД-19 кај сексуални работници

Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 носи огромни промени и закани како за општата популација, така и за маргинализираните групи. Ние, сексуалните работници се наоѓаме во особено тешка состојба, пред се поради тоа што сме исклучени од националните економски мерки. Како резултат на тоа, сексуалните работници се соочуваат со губење на своите работни места, драстично намалување на клиентите, а со тоа и губење на приходите од кои им зависи езгистеницијата, работа во небезбедни услови, недостаток на финансии за основните потреби како за себе така и за своите семејства, како и немање пристап до здравствени услуги наменети за заедницата, поради тоа што повеќето здруженија кои им пружаат помош на сексуалните работници ги имаат намалено своите активности или пак се целосно затворени поради пандемијата.

Како една од мерките за заштита од Корона вирусот е социјалното дистанцирање, сепак оваа превентивна мерка претставува голем предизвик за сексуалните работници. Токму, социјалното дистанцирање ги спречува сексуалните работници да работат, а со тоа не можат да си ги обезбедат основните потреби за нормално живеење, како што се храна, лекови, грижата за децата и домот, изнајмување на станови/апартмани за работа и сл. И покрај тоа што се пепорачува социјална дистанцираност додека владее пандемијата, голем број на сексуални работници се одлучуваат да преземат сопствен ризик и да продолжат да работат и да нудат сексуални услуги, бидејќи тоа е единствениот начин на кој заработуваат и од кои зависат цели семејства.

Со цел да го минимализираме ризикот од пренос на КОВИД-19 кај сексуалните работници, кај оние кои сепак се одлучиле да продолжат да работат во овие небезбедни услови, СТАР-Првиот колектив на сексуални работници и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје изготвија документ за намалување на штети кај сексуални работници кој се содржи од:

– Упатство за заштита од КОВИД-19;

– Протокол за заштита од КОВИД-19 кај сексуални работници;

Сите информации кои споделуваат во овој документ, се преземени од релеванти извори.

Упатство за заштита од КОВИД-19

Упатството за заштита има за цел да ги информира сексуалните работници во однос на начинот на пренос на Корона вирусот, начинот на заштита, како и инструкции за намалување на ризикот на пренос на вирусот при работа. Внимателно следете ги препораките со цел да го заштитите сопственото и туѓото здравје.

  • Што е Корона вирус?

КОВИД-19 – коронавирусна болест 2019 претставува вирусна респираторна болест предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2. Во моментов нема одобрен лек или вакцина за третман на болеста. Превенцијата е слична како и кај другите видови грип, каде е потребно да имате соодветна хигиена на рацете, здрава и сигурна исхрана, и да се избегнува близок контакт со лица кои имаат симптоми на дишни заболувања, како што е кашлање и кивање. Корона вирусот за прв пат се појавува во градот Вухан, главниот град на покраината Хубеј во Кина, за потоа набрзо да се прошири низ повеќе земји низ светот. Поради брзото ширење, Светска здравствена организација прогласи пандемија.

  • Како се пренесува КОВИД-19?

Вирусот се пренесува преку директен контакт со респираторните капки на заразеното лице (што се создаваат преку кашлање и кивање), и со допирање површини контаминирани со вирусот од тие исти респираторни капки. Корона вирусот  опстанува на површината и по неколку часа, но може да се уништи со едноставни средства за дезинфекција.

  • Кои се симптомите на болеста предизвикана од корона вирусот (КОВИД-19)?

Симптомите може да бидат покачена температура, кашлица и отежнато дишење. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика сериозни компликации кои може да ја нарушат функцијата на органите за дишење, кардиоваскуларниот систем или бубрезите. Во ретки случаи болеста може да биде смртоносна.

Првичните симптоми се слични на грип, затоа, потребно е тестирање за да се потврди дали некој има корона вирус.

Лекувањето на заболените е палијативно и симптоматско.

Во овој момент не е достапна антивирусна терапија, ниту пак вакцина за превенција од заболување со КОВИД-19.

ВАЖНО: Постои асимптоматски период (период на инкубација) од најмногу 14 дена, во кој лицето кое го носи вирусот нема никакви симптоми, но може да го шири на други лица. Затоа е многу важно да бидеме претпазливи, и колку порано ги преземеме мерките за претпазливост толку подобро.

Сите патници кои доаѓаат од земјите со висок и среден ризик треба да се задржат во само-изолација од 14 дена во нивниот дом и да пријават на надлежните доколку почувствуваат симптоми.

Следете ги општите препораки со цел да се заштите од Корона вирусот и да го спречите неговото ширење.

Општи препораки за заштита од КОВИД-19 се следниве:

  • Често мијте ги рацете со сапун и вода, најмалку 20 секунди и/или дезинфицирајте ги со раствор на база на алкохол.
  • Покријте ги устата и носот со подлактицата или со хартиено шамивче при кашлање и кивање. Фрлете го употребеното шамивче веднаш по употреба во корпа за отпадоци;
  • Одржувајте ја хигиената во местата каде што живеете и работите;
  • Избегнувајте близок контакт со некој што има настинка или симптоми слични на грип;
  • Не ги допирајте лицето, носот и устата;
  • Седете дома, доколку имате симптоми на настинка;
  • Практикувајте социјално дистанцирање;
  • Веднаш побарајте медицинска помош доколку вие или ваш близок има покачена температура, кашлица или отежнато дишење;
  • Се препорачува правилно користење на заштитна маска во затворени простории, доколку имате респираторни симптоми (кашлање или кивање) за заштита на другите или ако негувате некој со респираторни симптоми. Треба да бидете внимателни при употребата на заштитните маски, според упатствата во зависнот од тоа каков тип на заштитна маска користите:

– Пред да ја ставите маската на лицето, измијте ги темелно рацете со вода или гел за десинфекција.

– Маската треба да ги покрие устата и носот и не треба да има празнина помеѓу лицето и маската.

– Избегнувајте допирање на маската.

– Кога маската ќе стане влажна, заменете ја со нова. Доколку користите маска за еднократна употреба, не ја употребувајте истата маска. Таа е само за еднократна употреба.

– Употребените заштитни маски треба да се фрлаат во корпа за отпадоци, за да се избегне поголем ризик од пренесување на вирусот.

– Доколку употребувате маска за повеќекратна употреба, редовно перете ја според дадените инструкции.

Како до правилна домашна само-изолација?

  • Останете дома, освен во случај на итност. Доколку имате можност, работете од дома.
  • Одделете се од останатите во различни простории. Редовно проветрувајте ги просториите.
  • Доколку имате на располагање, користете посебен тоалет/бања. Во спротивно редовно дезинфицирајте го оној кој сите го користат.
  • Избегнувајте заедничко користење предмети за домаќинство како крпи за раце, постелнина, чаши, прибор за јадење.
  • Доколку нарачувате храна/продукти преку достава, друг член на домаќинството да ги превзема, избегнете контакт со доставувачот.
  • Бидете на безбедно растојание со другите помеѓу 1 и 2 метри.
  • Чистете ги површините во домот коишто најчесто ги користите.
  • Следете ги препораките за превенција од здравствените установи.
  • Доколку чувствувате исти или слични симптоми на грип, не посетувајте доктор, туку јавете се во центрите за јавно здравје.

Протокол за заштита од Корона Вирус кај сексуални работници

  • Следете ги општите препораки за заштита од КОВИД-19
  • Доколку имате симптоми на Корона вирус, или сте посетиле високоризична земја, останете дома во изолација и побарајте помош од стручно медицинско лице по телефон.
  • Одбегнувајте поздравување, гушкање, ракување и бакнување со вашите колеги/колешки.
  • Избегнувајте секаков контакт со клиенти кои имаат некакви симптоми на настинка (кивање, кашлање, отежнато дишење, треска).
  • Доколку работите на улица (отворена сцена), секогаш држете растојание од најмалку 1 метар од возилото на клиентот со кој преговарате;
  • Доколку работите на улица, одбегнувајте да стоите повеќе девојки на едно место, држете растојание во радиус од најмалку 2-3 метри;
  • Често мијте ги рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди. Доколку немате пристап до чиста вода, користете гел за дезинфекција. Миењето раце е особено важно при секоја промена на локациите, при ракување со хартиени пари или помеѓу средбите со вашите клиенти.
  • Советувајте ги вашите клиенти исто така темелно да ги измијат рацете и лицето со сапун пред да остварите било каков контакт со нив. Доколку на местото каде што се среќавате, нема пристап до чиста вода, задолжително да користат гел за дезинфекција.
  • Носете со себе хартиени марамчиња, во случај да ви притреба Вам или на клиентот при кивање/кашлање. Употребеното хартиено марамче веднаш фрлете го во корпа за отпадоци. Избегнувајте секаков контакт со веќе употребено хартиено марамче.
  • Доколку е возможно, избегнувајте бакнување, контакт на уста со кожа, при вашата средба со клиентот, како и ставање на предмети во уста (вклучително и прстите).
  • Доколку е возможно, избегнувајте директен контак со вашите клиенти, и понудете му некоја друга алтернативна сексуална услуга како еротска масажа и стриптиз, или пак минимизирајте го ризикот со секс пози кои не инволвираат директен контакт со устата (како на пример секс поза – Doggy style).
  • Избегнувајте директен контакт со телесни течности. Користете кондоми и заштитни ракавици.
  • По средбите со клиентите, дезинфицирајте ги сите работи и материјали кои сте ги користеле или допреле со средство за дезинфекција.
  • Не споделувајте прибор за јадење и пиење со вашите клиенти. Доколку ова не може да се избегне, темелно измијте го со сапун и топла вода, и пребришете ги со хартиена крпа, која по користењето ќе ја фрлите во корпа за отпадоци.
  • Не се состанувајте со клиенти кои допатувале од странство, особено со оние кои доаѓааат од високоризичните земји со КОВИД-19.

Избегнувајте давање на сексуални услуги, контакт со луѓе и останете во само-изолација, доколку:

  • Имате хронично заболување, или пак живеете со лица кои имаат хронично заболување;
  • Имате над 55 години, или пак живеете со лица над 55 години;
  • Доколку сте биле во земја која е високоризична, каде што има поголем број на лица заразени од корона вирусот;
  • Доколку некој е заболен од корона вирус во Вашето најблиско опкружување.
  • Имате треска, покачена температура, кашлица, отежнато дишење и/или други симптоми на настинка;

Доколку почувствувате некои од симптомите, веднаш јавете се на еден од телефонските броеви во Вашиот регион:

ЦЈЗ Битола 071/261-330; ЦЈЗ Велес 071/219-278; ЦЈЗ Гевгелија 078/545-444; ЦЈЗ Кочани 071/373-913; ЦЈЗ Куманово 070/215-851;  ЦЈЗ Охрид 070/723-029; ЦЈЗ Прилеп 076/475-747; ЦЈЗ Скопје 071/289-614; ЦЈЗ Струмица 072/235-543; ЦЈЗ Тетово 075/240-464; ПЕ Гостивар 076/365-161; ЦЈЗ Штип 078/365-613; ИЈЗ Скопје 078/387-194; ЗД Ало докторе 02/15-123.

Грижете се за сопственото и туѓото здравје!

Референци:

http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/

https://vlada.mk/covid19

https://berufsverband-sexarbeit.de/index.php/2020/03/05/corona-virus-what-sexworkers-and-everyone-else-should-be-aware-of-now/?lang=en&fbclid=IwAR1GAwOSaUwM9BUCZetkZ1VDBXHm4d7JoorYOcMUe_Hv6ylWcmBmN5qQRBE

 

Tags: , , , ,