Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР од Скопје, годинава на 17-ти декември по деветти пат со слоганот „Слободниот избор е право, а не привилегија” се приклучува кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Вообичаено со црвени чадори – глобалниот симбол на сексуалната работа, ќе маршираат сексуални работници, стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт девојки и момци, корисници на нивните услуги, активисти за човекови права и нивни поддржувачи.
Со овој настан би сакале да ја подигнеме јавната свест за постоењето голем број сексуални работници во Македонија и да ја потенцираме застрашувачката состојба за безбедноста и супстандардните услови во кои што тие живеат и работат. Сексуалните работници остануваат меѓу најмаргинализираните членови на општеството. Креаторите на политики и властите повеќе ги сметаат за непријатна појава што треба да се искорени или за неморални прекршители на законот, отколку за индивидуи кои треба да бидат заштитени од насилство и кои треба да добиваат социјална и економска помош и поддршка.
Сето ова влијае на достоинството и човековите права на сексуалните работници и ги доведува до состојба на постојана закана како резултат на општествената негативна перцепија, што води кон зголемување на насилството и стигматизацијата, создавање недоверба кон институциите, маргинализација и создавање на социјално ранлива група. Сексуалните работници, обесхрабрени да ги пријават делата од омраза извршени врз нив остануваат жртви на системот, а сторителите на кривичните дела врз нив продолжуваат да ја уживаат слободата која им ја пружа системот.
Оттука, на 17-ти декември, ќе ја истакнеме потребата од итна и поголема инволвираност на сите засегнати страни во застапувањето за поставување на прашањето за сексуалната работа на политичката и јавна агенда, не само како здравствен туку и како проблем поврзан со трудот и човековите права.
Централен настан по повод овој ден е Маршот на црвените чадори, кој ќе се оддржи на 17.12.2016 година (сабота) со почеток во 12 часот од пред Платото на спомен куќата на Мајка Тереза.