Сервисот за социјално советување и поддршка за сексуални работници на СТАР-СТАР повторно започнува со работа

Во 2020 година за време на пандемијата со КОВИД-19, СТАР-СТАР ја согледа потребата од воведување сервис за социјално советување и поддршка со цел остварување на социјалните права на сексуалните работници и зголемување на пристапот до социјална заштита. При тоа, за да го доближи овој сервис до сексуалните работници, СТАР-СТАР во изминатиот период исто така воспостави регионален тим од параправници, кој мапираше лица од заедницата во социјален ризик на терен во Скопје и во ограниците СТАР-Исток (Струмица) и СТАР-Запад (Гостивар). Кон параправниот тим, од оваа година се приклучува и мрежа од гејткипери кои преку врсничката поддршка ќе го зајакнат линкот до сервисите на СТАР-СТАР и со тоа ќе го олеснат пристапот до социјална заштита за најранливите членови од заедницата.

Од јануари 2022, сервисот за социјално советување и поддршка на СТАР-СТАР е повторно достапен за сите сексуални работници преку тимот од параправници и гејткипери во Скопје, Струмица и Гостивар. Социјалниот работник на СТАР-СТАР ги нуди следните социјални услуги:

1. Информации, консултации или упатување на сексуални работници за:
  • остварување право од социјална заштита;
  • остварување право на здравствена заштита и здравствено осигурување;
  • искористување на можности и мерки од АВРМ;
  • вадење на лични документи;
  • сместување на бездомно лице;
2. Упатување на сексуални работници до соодветни институции или сервиси од други граѓански организации;
3. Останати социјални услуги за поддршка на сексуалните работници во социјален ризик поврзани со административни такси, здравствени книшки, пополнување на обрасци и документи и друго.

Сервисот за социјално советување и поддршка функционира и на телефонскиот број 070/399-199 каде сите лица од заедницата можат да добијат повеќе информации за услугите или да закажат советување со социјалниот работник. Услугите од сервисот за социјално советување и поддршка за сексуални работници се бесплатни и доверливи за сите сексуалните работници. Термините за сервисот во стационар и на терен се креираат на месечно ниво, за што редовно ќе информираа регионален тим од параправници.

За потсетување, преку овој сервис во 2020 година беа опфатени 62 лица кои добиле 242 услуги од социјален работник и успешно беа реализирани 54 случаи во кои сексуалните работници остварија некое од правата на социјалната заштита.

Сервисот за социјално советување и поддршка на сексуалните работници на СТАР-СТАР е отворен во рамки на нашиот нов проект „Интегрирани интервенции на сексуалните работници за социјална правда базирана на докази“ поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Tags: , ,