Ана е дел од кампањата „Две од оние“ (хиперлинк од настанот), кампања посветена на сексуалните работници, за нивниот статус во општеството, за она што го немаат а треба да го имаат. Ана, освен тоа што веќе десет години е сексуален работник, таа е и активист кој се бори за правата на сексуалните работници. Започнала како Лина, денес е Ана. Никој нема влијаено врз одлуката за нејзината професија. Во ова општество најмногу ја боли што нема никаква заштита за сексуалните работници.
Како е да се биде една од „Двете од оние“, сексуални работнички?
Ана: Да се биде „Двете од оние“ е страшно, возбудливо, доминантно и убаво животно искуство. Страшно, бидејќи не знаеш со кој си имаш работа, нема кој да ти помогне, институциите немаат слух за сексуалните работнице; возбудливо е поради тоа што откриваш различни карактери и различни сексуални желби. Клиентите имаат повеќе лица, а ти го откриваш нивното вистинско лице, нивните вистински сексуални страсти, за разлика од тоа што се претставуваат секојдневно.
Зошто го избра името Ана?
Ана: Порано бев Лина, но со текот на времето клиентите веќе те знаат и морав нешто да променам со цел да привлечам нови. Сега сум Ана. Искрено нема некоја инспирација за моите имиња, едноставно така ми текнуваат.
Луѓето велат дека жените ја избираат сексуалната работа како професијата поради несигурност. Што мислиш за ова?
Ана: Не е поради несигурност, некои повеќе сакаат да менуваат партнери да октриваат различни сексуални искуства, но пред сѐ, финансиите се главната причина за да се избере сексуалната работа како професија.
Дали некој влијаел врз твојата одлука за изборот на професијата?
Не, воопшто. Моја беше одлуката да работам како сексуален работник, сама си избирам со кој, кога и како ќе работам.
Можеш ли да замислиш едно општество без сексуална работа?
Ана: Тешко, сексуалната работа постоела отсекогаш, и ќе ја биде за век и векова. Амин!
Твојот опстанок, зависи и од бројот на клиенти. Како да им објасниме на другите дека оваа професија е исто што и професор на факултет, возач на такси, келнер, сметководител и дека сево ова е борба за опстанок, зашто и ти ги заслужуваш истите работнички права и пензиско и здравствено осигурување?
Ана: 11 години се обидуваш да ѝ објасниш на јавноста, дека сексуалната работа е работа како и секоја друга, но сѐ додека не се промени мислењето за сексуалните работници во општеството, сѐ додека сме стигматизирани од институциите, од соседите, од семејствата, па дури и од нашите клиенти, едноставно е тешко да се откриеш себеси. Како да ѝ објасниш на јавноста кога не можеш да излезеш јавно со лик?
Дали сексуалната работа треба да е легална работа?
Ана: Па, искрено не можам да кажам дека сакам и сметам дека сексуалната работа треба да биде легализирана. Не е само до законите; и да се смени законот, не е лесно да смени мислењето ––на луѓето, мислам дека сѐ уште ќе бидеме стигматизирани. Еве да замислиме дека од утре сѐ ќе биде легално, ќе треба да нѐ евидентираат како сексуални работници; кога ќе одам во болница, ќе знаат дека сум сексуален работник, и не верувам дека би ја добила услугата што ми треба. Затоа мислам дека треба да се депенализира односот, да не бидеме казнувани според законот за нарушување на јавен ред и мир, казната е околу 600-800 евра. Со промена на законот треба паралелно да се работи и на промена на јавното мислење за сексуалната работа, инаку џабе ни се законите.
Дали твоите пријатели и семејството знаат каква работа работиш? Што мислат тие?
Ана: Прво на почетокот, не знаеја, но дознаа од други кои веќе ги добиле моите услуги. Едно време и ме избркаа од дома; потоа со тек на вемето се потсмирија работите, и сега сум дома, но не е исто. Сега сите знаат. Некои се согласуваат, некои не. Тие што ме прифаќаат, го прават поради тоа што се финанскиски зависни од мене. Јас со оваа работа одржувам цела фамилија.
Што мислиш за организации кои работат со или поддржуваат сексуални работници?
Ана: Јас веќе долги години сум дел од СТАР-СТАР, здружение на граѓани за поддршка на сексуалните работници, која се залага за промовирање на сексуалната работа како и секоја друга професија, како и за заштита и за унапредување на правата на сексуалните работници во општеството. Постоењето на вакви организации им овозможува на сексуалните работници да се здружат и заеднички да се борат против насилството и дискриминацијата.
Како би изгледала работната недела ако сексуалната работа беше легална?
Ана: Искрено не можам да го замислам, затоа што не знам како е.
Како постапуваш доколку некој клиент ја премине границата со оглед дека сексуалната работа кај нас не е легална?
Ана: Кога имам насилен клиент, се справувам со него како што знам и умеам, затоа што ми е страв да пријавам во полиција, затоа што нема ништо да направат. Луѓето се различни, нема исти, може да се фини на почетокот, а за време на сексот да станат насилни, затоа што нив едноставно тоа ги „пали“. Но сепак, има граници до каде можеш да одиш. Затоа, јас често пред да започнеме им кажувам до каде е границата, и што не е дозоволено.
Општеството ја стигматизира сексуална работа. Кога најмногу си го забележала тоа?
Ана: Од лично искуство не сум забележала, но слушајќи ги другите како биле третирани, не сум се осудила да кажам во јавност дека сум сексуална работничка, односно вешто сум криела која сум. Има многу случаи за кои знам, кога мои колешки биле ужасно третирани, тепани, па дури и кога сум имала гости, колешки од други земји, стриптизерки за време кога беше рацијата од полицијата, во станица беа третирани како највалкани суштества, како криминалци, ги навредуваа со погрдни зборови. Не добија соодветен третман, како што треба, и беа депортирани назад во својата земја.
Што мислиш дека луѓето најмногу разбираат погрешно, во однос на тоа да бидеш сексуален работник? Кои се најпогрешните претстави за сексуалната работа?
Ана: Жените нѐ сметаат за валкани, заразни, нѐ гледаат како извор на болести, дека им ги крадеме мажите. Мажите нѐ гледаат како нешто лошо и неморално затоа што целата јавност нѐ гледа така, иако ги користат нашите услуги. Дел од нив имаат одредени фетиши, кои излегуваат од “нормалниот сексуален однос“, и тоа не можат да го добијат, ниту да го побараат од своите партнерки/жени. Имам и клиенти кои тешко можат да најдат партнерка, имаат проблеми поради сопствениот изглед, или живеат со физичка попреченост, и на нив им е најлесно да остварат сексуален контакт со нас, сексуалните работници. Имам и клиенти кои ми се јавуваат само за да разговараат со мене.
Кои работи ги научи за себе додека си во сексуалната работа?
Ана: Научив како брзо да ги читам луѓето, како да се снаоѓам во ситуации кога работам со клиенти со ризични карактери, НАУЧИВ КАКО ДА БИДАМ ПОСИЛНА!
Кажи ми една работа што би сакала другите да ја знаат за сексуалната работа?
Ана: Преку оваа работа запознав толку различни луѓе што не можев ни да замислам дека постојат. Научив многу работи и за самата себе. Луѓето грешат што толку тесно гледаат на сексот, без да експериментираат и да се самоспознаваат.
Кога би се чувствувала најсигурна како сексуален работник?
Ана: Кога сексуалната работа нема да се казнува, кога околината и местото каде што работам ќе биде безбедно, кога слободно ќе шетам, без да ме покажуваат со прст.
Дали ги користиш јавните здраствени сервиси? И зошто?
Ана: Јавните здравствени сервиси не ги користам, бидејќи не сакам да ризикувам да бидам разоткриена. Затоа ги користам услугите од граѓанските организации, најмногу затоа што анонимно можам да ги користам нив, а во исто време да бидам слободна без да кријам која сум и што работам.
Што најмногу ве боли во ова општество?
Ана: Не ме боли тоа што треба да се кријам, да не се идентификувам себеси како сексуална работничка, туку ме боли што нема никаква заштита за нас.
Кои се желбите на сексуалните работници? Што би сакале да имаат, а немаат?
Ана: Значи да се разбереме, ние не бараме ништо повеќе од она што ни следува како на секој граѓанин на Република Македонија. Не бараме специјален третман од државата, едноставно сакаме да нѐ почитуваат, да го почитуваат нашиот избор. Да се движиме слободно, без страв некој дека ќе нѐ повреди.
Што би кажала во име на „Две од оние“?
Ана: Не би можела да зборувам во туѓо име, меѓутоа во мое име би сакала да ја пренесам следнава порака: Оставете ме да си ја работам мојата работа и почитувајте го мојот избор!!!
На 2 јуни Ана ќе биде дел од од шармот на „Океан“ и на старо Скопје. Ве очекуваме од 21 часот во „Акантус“, каде што ќе може да разговарате со сексуалните работници, да ги прашате за предизвиците со коишто се соочуваат. Исто така, фотографиите на авторките Лилика Стрезоска, Елена Фидановска, Анита Березњак и Ирена Мила чекаат да бидат видени од вас, а сетот на диџеј Соња Исмаил ве чека да се разиграме во атмосферата и духот на „Океан“.