„19 годишна кичевчанка пријавила скопски таксист дека ја допирал по телото додека ја превезувал“; „Дечкото ја претепал и пукал во неа“, „Кавадарчанец ја претепал поранешната девојка и нејзината 6 годишна ќерка“; „14 годишно девојче на Инстаграм запознала момче, ја снимил, па ја принудувал на секс со пијани и дрогирани мажи“…
Ова се само дел од насловите во македонските медиуми поврзани со различни форми на родово базирано насилство кои периодов ги читаме за добро утро. Наместо да креираме заедници и средини во кои секоја жена ќе биде безбедна и слободна, гледаме како без соодветната системска грижа и интерес за животите и благосостојбата на девојките и жените, мизогинијата и насилството извираат од секоја пора на нашето општество.
Како Платформа за родова еднаквост, но и како активистки, феминистки и граѓанки, згрозени сме од апатичниот и декларативниот начин на кој се третира родово базираното насилство од страна на институциите, кои не само што не се способни да работат на превенција на родово базираното насилство, туку и целосно потфрлаат во полето на заштита, што води до најекстремниот облик на насилство против жените – фемицидот.
Загрижени сме дека обвинувањето на жртвите, (наративот „сама си го барала“), кое е вкоренето во омразата кон жените како вредност, станува сè позастапен одговор на насилство. Загрижени сме дека родово базираното насилство, наместо да се искоренува, дополнително се нормализира и прелева во сите сфери на нашето постоење (и во физичкиот и дигиталниот простор). Загрижени сме дека сексизмот се пренесува како општествена норма на новите генерации, кои во недостаток на системска поддршка, сеопфатно сексуално образование и соодветен морален и етички компас, не само што (ќе) ја перпептуираат оваа култура на насилство, туку (ќе) ја перпетуираат во сè поекстремни форми.
Локално, регионално и глобално, сè почесто се застапени случаи на насилство кои започнуваат на интернет, а завршуваат со уцени, силување и/или други форми на насилство, во физичкиот простор. Девојчињата и младите девојки се особено изложени, како случајот со 14 годишната жртва, која под закани и уцени, била континуирано силувана на повеќе локации во Велес, од страна на повеќе машки лица кои во моментов се притвор. Додека институционалната разрешница, односно правда за жртвата, како и правда за сите жртви на родово базирано насилство е клучна во оваа борба, истовремено мораме фокусот да го ставиме на насилниците, кои женските тела и животи ги третираат како своја сопственост со која се изживуваат. Како да ја спречиме оваа тенденција? Како да постапиме со фактот дека под секоја од овие медиумски објави за родово базирано насилство, нашата јавност едногласно вели „таа самата си е крива“? Како да гледаме на феноменот дека за денес беше најавен протест, организиран од млади мажи, во знак на поддршка на Ендру Тејт, инфлуенсер кој отворено за залага за омраза и насилство против жените, а кој во моментов е во притвор под сомнение за трговија со луѓе и силување? Како да гледаме на феноменот дека, со чест на исклучоци, повеќето момчиња и мажи не се чувствуваат засегнати и не чувствуваат потреба да застанат солидарно во борбата против родово базираното насилство? Каква е таа заедница која одобрува и слави, или замижува пред насилство?
Жртвите сè повеќе пријавуваат насилство, а насилството нималку не се намалува. Тоа покажува дека системот на превенција и заштита не функционира. Истовремено, јавното мислење покажува дека колку се девојките и жените послободни и охрабрени, толку е двојната виктимизација позастапена. За да не бидеш нападната/силувана/убиена, треба да седиш дома, е горе-долу просечниот став по ова прашање. И иако е деградирачки воопшто да се влезе со дискусија со тој наратив, сакаме да посочиме дека бројките и реалноста покажуваат нешто друго. Не само што жената е најмалку безбедна дома, туку не постои ниеден простор во кој жената е безбедна. Во овие услови, едноставно, небезбедно е да постоиш како жена.
Поминаа точно две години од локалните протести против родово-базирано насилство. Таа мобилизација доведе до минимално институционално придвижување по ова прашање, но сеопфатно, посветено, повеќесекторско и, пред сè, искрено заложување во оваа борба недостасува. Декларативноста со која се третира родово базираното насилство, доведува до тоа да сме имуни на веста за уште една злоупотреба, уште едно силување, уште едно вознемирување, уште еден фемицид!
Соочени со оваа страшна реалност, бараме итна институционална мобилизација и итно носење на измените на Кривичниот законикза усогласување со Истанбулската конвенција. Бараме соодветна системска поддршка за секоја жена или девојка која преживеала било каков вид на насилство, бараме функционални сервиси подеднакво застапени во сите региони, бараме да запре трендот на намалување на домашното финансирање и соодветна поддршка за сите организации кои ги даваат овие услуги на граѓаните. Како женски организации и организации кои работат за унапредување на човековите права, бараме солидарност од сите вас, во борбата за системски одговор на насилството против жените. Потсетуваме, дека држава што не постапува е држава што силува, а молкот на граѓаните е соучество. Борбата за правда ќе ја водиме на сите фронтови!