Згрозени од изнесените информации и ставови од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас во првата емисија од поткастот на Стефан Лазаров, членките на Платформата за родова еднаквост реагираат за говорот во поткастот и бараат да се прекине неговото емитување. Сметаме дека поткастот го нормализира насилното однесување на родова основа преку искуствениот пример на Латас, што за него е вообичаен начин за стекнување прво сексуално искуство кај момчињата на 15 годишна возраст. Воедно ја осудуваме изјавата во медиумите на водителот на поткастот Стефан Лазаров кој не се огради од ваквата содржина, туку напротив го поддржа говорот на Латас.
Емисијата, снимена со пренос во живо на 14.02.2023, на социјалната видео платформа Јутуб, бележеше над 125 илјади прегледи во изминатите 5 дена. Како Платформа за родова еднаквост сметаме дека големиот број на прегледи на оваа емисија влијае на јавното мислење, особено кај младите луѓе кои лесно можат да дојдат до заклучок дека „шамарање на девојка“, според изјавата на Латас и Лазаров, пред сексуален однос е сосема нормално однесување на момчињата и притоа не сносат никаква одговорност ниту последица за ваквиот чин. Иако во описот на поткастот се наведени правила дека не се дозволени говор на омраза и расизам, оваа емисија содржи токму ваков наратив. Затоа, како членки на Платформата бараме подкастот да биде избришан од оваа видео-социјална платформа и да се прекине со емитување на овој проблематичен поткаст.
Од она што јавноста го посведочи, јасно е дека Драган Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се поддржувачи на насилното однесување и омаловажување на жените во сексуалните односи. Тие ги користат своите платформи за промовирање и нормализирање на насилството врз жените. Бидејќи се претставуваат како застапници за зачувување на „традиционалните вредности“, ги прашуваме Латас и Лазаров дали да силуваш и да се фалиш со тоа е вредноста која ја бранат и промовираат?!
Ја поздравуваме реакцијата на Секторот за компјутерски криминал при МВР со доставата на известување до Основното јавно обвинителство – Скопје по интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас. Бараме Обвинителството да постапи во законски рок и да поднесе обвинителен акт за Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
Апелираме до приватниот сектор кој го поддржува Стефан Лазаров и ги користи неговите услуги за рекламирање, да ја прекине соработката со него. Во спротивно, со нивната поддршка кон овој поткаст поддржуваат и овозможуваат ширење на мизогинија, родово засновано насилство, расизам и говор на омраза. Дополнително, во време кога во борбата против насилството врз жените, меѓу другото, е неопходно и подигање на јавната свест, јавните личности имаат посебна одговорност во справувањето со оваа реторика и промовирање на позитивни вредности кои ќе придонесат кон искоренување на насилството, а не кон негово промовирање.