Реакција за предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование и Предлог законот за средно образование

Платформата за родова еднаквост најостро реагира на предлогот на Министерството за образование и наука за Закон за изменување и дополнување на Законот за основно образование во кој го промени членот за заштита од дискриминација на начин што ги отстранува дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет. Дополнително, со загриженост реагираме и на постапката на Министерството со која во Предлогот ја отстранило родовата еднаквост, заменувајќи ја со зборовите „еднакви можности“.

Овој чекор не претставува преседан. За жал, сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се вметнати како дискриминаторски основи ниту во Предлог законот за средно образование.

Со овие одлуки МОН постапува спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој ги содржи дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет и кој налага законодавството да се усогласува со овие одредби.

Платформата за родова еднаквост смета дека оваа постапката на Министерството праќа јасна порака дека одредени групи не се заштитени од дискриминација, дури ни во најсензитивните области, како што е образованието. Законот за основно образование се менува со цел да спроведе пресудата на ЕСЧП- Елмазова и други против Северна Македонија, со која требаше да се донесат законски измени за да се спречи сегрегацијата на Ромите во основното образование. Платформата за родова еднаквост ја поздравува и поддржува првичната намера за измена на Законот, но реагира на искористувањето на една доблесна иницијатива за озаконување на дискриминацијата, и користење на истата како параван за охрабрување на дискриминацијата врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација, како и за одржување на родовите стереотипи, насилство и нееднаквост. За жал, констатираме дека ваквата постапка не враќа пред 1946 година, и води единствено кон зацврстување на патријархалното насилство и континуираното исклучување на најранливите деца.

Оваа постапка претставува најгрубо кршење на правата на децата, како и директно загрозување на нивниот ментален и физички интегритет. Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатомошното исклучување и опресија во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжеток на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство.

Преку овој чин Министерството за образование и наука се обидува да замижи и избрише кои се најчестите жртви на насилство, и додека се спроведуваат кампањи за спречување на врсничко насилство во образовниот систем, може да заклучиме дека ова се залудни потрошени пари, вложени ресурси и залажување на јавноста за наводната безбедност на децата.Во суштина, со сегашниот предлог закон проблемите не можат нити да бидат именувани со вистинското име, а најмалку пак да бидат адресирани корените, и решени предизвиците со ученичкото меѓуврсничко насилство.

Наспроти дискриминаторските политики на МОН, реалноста на терен потврдена и алармирана низ повеќе релевантни истражувања во земјата, која ги отсликува искуствата на младите ЛГБТИ деца и девојчињата, и која зборува за потребата од преземање на итни мерки за превенција и заштита од насилство и врсничко силеџиство токму врз основа на сексуална ориентација, род и родов идентитет.

Потсетуваме дека МОН има обврска да го усогласува законодавството со Законот за спречување и заштита од дискриминација, што подразбира дека сите дискриминаторски основи помеѓу кои родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет треба доследно да бидат вметнати.

Tags: ,