Изминатите неколку години, како никогаш до сега, припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија се мета на говор на омраза, на физичко и психичко насилство и напади кои до ден денес немаат никаква разрешница. Неколку пати беа нападнати активисти, беше демолиран ЛГБТИ центарот за поддршка, чии напаѓачи, иако се фатени на камера, се уште не се најдени, а истрагата и натаму е во тек.
Во атмосфера на зголемена омраза и гнев, на јавен линч по социјални мрежи, на отворена дискриминација и нетолеранција, а без систем и механизми за заштита, припадниците на ЛГБТИ заедницата секојдневно се соочуваат со страв. Страв затоа што се различни, страв затоа што може бидат отпуштени од работа заради различната сексуална ориентација, страв дека ќе бидат физички или психички малтретирани, страв да бидат она што се.
Сексуалноста е суштествен и фундаментален дел на од секој човек.За да можат луѓето да го постигнат највисокиот можен стандард на здравје, прво мора да можат да прават избор за нивниот сексуален и репродуктивен живот; тие мораат да се чувствуваат сигурни и безбедни при изразувањето на сопствениот сексуален идентитет.А што ако тој идентитет е надвор од рамките на она што се смета за „нормално“ во едно општество?
Се гордеме бидејќи Македонија е земја на различностите, но не се гордееме со сите различности.Слушаме дека правниот систем е во линија со тој на ЕУ, но како и секогаш „се е добро на хартија, но во пракса ништо“.
Конечно ЛГБТ заедницата доби нешто на хартија што има потенцијал за промена. Ова е мал, но многу важен исчекор во борбата за рамноправност на заедница која со години молчи оти секој најмал крик одекнувал не подалеку од рамките на истата таа заедница. Иако Законот за антидискриминација се уште ги нема сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и ХЕРА подготвија Протокол за утврдување на постапката за постапување во случаи за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентција и родов идентитет. Со ова, за прв пат во Македонија постои правен механизам кој ЛГБТИ луѓето ќе може да го искористат доколку се соочат со дискриминација. Работите полека но сигурно се придвижуваат од мртва точка.
Нека ни е на здравје! Уште многу мали и големи победи да славиме! Бидејќи тие #некоисиправа се твои, мои, наши, човекови права.
Протокол за пријавување дискриминација по основ на родов идентитет и сексуална орентација
