Промоција на видео од ПОП-АП вечерата за декриминализацијата на сексуалната работа во Северна Македонија

На 18.05.2021, за прв пат во историјата на Република Северна Македонија, СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот ја организираше првата работна ПОП-АП вечера, на иста маса, помеѓу сексуални работници и високи претставници на државни институции, кои имаат надлежности на делување во областа на подобрување на состојбата на човековите права, третманот на сексуалните работници и декриминализација на сексуалната работа во нашата земја.

Со цел да го свртиме политичкото внимание кон процесите за декриминализација на сексуалната работа, беше организирана првата ПОП-АП вечера на која, за прв пат во историјата на нашата држава, на иста маса седнаа претставници на институциите (Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда и Народниот правобранител) заедно со лица од заедницата и активисти. На вечерата се разговараше за проблемите, потребите и барањата на сексуалните работници, како и потребата за вклучување на сите засегнати страни во донесувањето на подобри законски решенија кои се однесуваат на сексуалната работа и сексуалните работници.

Во прилог можете да погледнете видеото кое го снимавме за време на ПОП-АП вечерата и дел од дискусијата која ја имавме со претставниците на институциите во насока на подобрување на работните услови на сексуалните работници во нашата земја, и потребата од итна декриминализација на сексуалната работа. Промоцијата на видеото е дел од нашата кампања за одбележување на 17ти декември-Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, и во пресрет на утрешниот Марш на црвените чадори.

На вечерата присуствуваа Борче Божинов – Претседател на СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, како модератор на дискусијата, и три истакнати активистки за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници заедно со високи претставници од институциите Васка Бајрамовска-Мустафа – Заменичка на Народниот правобрaнител, Александар Видиновски – Портпарол и посебен советник за односи со јавност во Министерството за правда, Јасминка Ангелова – Државна советничка во Министерството за внатрешни работи и Светлана Цветковска – Советничка за недискриминацијa, заштита и превенција од трговија со луѓе во Министерството за труд и социјална политика.

ПРОЦЕСОТ ЗА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА СЕКСУАЛНАТА РАБОТА Е ИНИЦИРАН ОД ПЛАТФОРМАТА ЗА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА НА СЕКСУАЛНАТА РАБОТА, ПРЕДВОДЕНА ОД ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА ПОДДРШКА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИ РАБОТНИЦИ СТАР-СТАР, ХОПС – ОПЦИИ ЗА ЗДРАВ ЖИВОТ СКОПЈЕ И КОАЛИЦИЈА МАРГИНИ.

Издавањето на оваа видео е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија во рамки на проектните активности на Здружението за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Видео продукција: FlyCam продукција

Tags: , , ,