Од 13-16.06.2022, во Брисел се одржаа обуки за новото истражување на Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA) – Пристап до правда кај сексуалните работници, на кои учествуваа и двајца претставници на СТАР-СТАР.
Новото истражување на ESWA има за цел да го истражи искуството на сексуалните работници со полиција во Европа и Централна Азија и да го осигура пристапот на сексуалните работници до правдата и државната заштита од насилство и експлоатација. Се планира истражувањето да биде објавено на почетокот од 2024 година.
Истражувањето е во рамки на FPAR (Feminist Participatory Action Research) проектот, преку кој се доделени 10 грантови на 10 организации членки на ESWA, меѓу кои и на СТАР-СТАР давајќи и можност на нашата организација да спроведе истражување со заедницата за споделување на искуство со полицијата при пристапот до правдата. СТАР-СТАР во наредниот период ќе спроведе интервјуа со сексуални работници за нивните искуства со полицијата на национално ниво.
За многу сексуални работници и други маргинализирани заедници, полицијата може да биде пречка за пристап до правдата, кога тие не се директни извршители на насилство врз сексуалните работници, затоа главниот фокус на ова истражување е токму полициското работење и улогата на полицијата во пристапот на сексуалните работници до правдата. Со ова истражување, ESWA има за цел да ги собере и да ги прикаже сите докази за отежнет пристап на сексуалните работници до правдата.