Трансродов маж од Македонија – раскажува како го доби случајот против државата пред Европскиот суд за човекови права и за неговата подготвеност да ја продолжи борбата.
Во продолжение го пренесуваме оригиналното интервју кое Х го даде за We Accept.
Како започна вашата приказна, кога прв пат се запознавте со трансродот генерално и кога и како дознавте дека сте трансродово лице?
Паметам дека среќавав сензационалистички приказни на темата кога бев дете. Тешко ми беше и да се соочам со тоа дека се соживувам со опишаните луѓе, заради тоа што беа предмет на потсмев и омраза, а тешко ми беше и да се дефинирам. Немаше информации никаде. На тие ретки места каде што се наоѓаа, беа или извртени, или извештачени, или погрдни. Тоа воопшто не помагаше. Мислам дека дури некаде кој крајот на средно училиште конечно научив што тоа значи и кога погледнав наназад во мојот живот, сѐ имаше смисла. Инаку уште од најмала возраст чувствував дека нешто „не штима“. Ама во конзервативно општество нема збор за тоа. Нема разбирање. Сигурно и денеска има многу млади луѓе кои немаат информации и кои се потиснувани од семејствата и околината. Впрочем и познавам некои луѓе во таква ситуација. Многу им е тешко. Како и сите нив, и јас сум помислувал многупати на самоубиство – а што да помислам кога мислев дека сум сосема сам тука и дека никој не ме разбира и не ме почитува? Првата транс личност од Македонија ја запознав кога имав 23 години. Тоа направи огромна разлика во мојот живот.
Дали сте биле изложени на физички или вербални напади поради вашата родова определба?
2.1 *(доколку да) Кога,каде и како се случил нападот?
Најпрвин би го корегирал терминот – не е родова определба, туку род. Не сум се определил јас за ништо. Ова не е избор. Да се биде транс не е избор. Избор е да се биде трансфобичен на пример. Сакам да биде јасно – транс луѓето се сигурни во својот идентитет исто толку колку што се сигурни и луѓето кои не се транс. Нема никаква разлика. И затоа нема никакво оправдување за осудата на едните кон другите.
Во однос на нападите, физички напади за среќа немало во мојот случај – но лично познавам многу луѓе кои често пати биле напаѓани, а од страв од потсмевање и осуда не ни пријавиле ништо. Тоа е огромен проблем во нашето општество. Мислам дека сите или скоро сите транс луѓе од Македонија кои ги познавам биле физички нападнати поради тоа што се транс.
Од друга страна, вербални напади имаше секој ден. Порано имаше и од семејството, сега за среќа веќе не. Инаку сум бил во страшни ситуации и тоа секојдневно. Понатаму, секако имаше и од „друштвото“, луѓе со кои одамна не сум во контакт, и од случајни минувачи, од секаде. Паметам дека бев во ситуација кога насилно го тресеа столчето на кое седев во државното интернет кафе и ми се дереа на уво. Ми беше страв да реагирам, а никој друг ништо не направи. Беа неколку момци и бев сигурен дека ќе ме чекаат надвор. За среќа тоа не се случи.
Каков однос имаат македонските институции кон трансродовите лица?
Тешко ми е да најдам збор со кој тоа може да се резимира впечатокот. Веројатно „катастрофален“ е соодветно. Во секоја, буквално секоја институција сум бил предмет на испрашување и потсмев. Секаде морам пред полна чекална да објаснувам што е „проблемот“ кај моите документи. А проблемот е резултат на институциите. Затоа бев одлучен да одам до крај со случајот. И убеден сум дека ќе успеам во промената на документите. Мора да биде јасно – лице кое поради медицинската транзиција има несомнено 100% машки изглед и сменето име, недвосмислено машко, а остатокот од документите вели „Ж“ и стојат бројките 455 во матичниот број – јас сум во ваква ситуација – огромен дел од моето време поминува во стрес и објаснување пред елементарното непознавање на службениците кои земаат плата за да ги штитат моите права, а ги прекршуваат и ми се смеат во лице мислејќи дека нема да го забележам тоа. Огромен дел од моите права се прекршени и ограничени. Од моја страна толеранција за ова нема да има. Овој случај ќе оди до крај и нашите институции ќе мораат кога-тогаш да го направат тоа за кое постојат и за кое се платени од граѓаните – ќе мораат да ги заштитат правата на граѓаните. Тоа значи дека случајов ќе мора да се реши позитивно. Во пакет со тоа доаѓа законска рамка за правно признавање на родот, и нејзина примена секаде во државава, без исклучоци.
Кога и како одлучивте да покренете постапка прво до Управниот суд, а потоа и против државата во судот во Стразбур?
Најпрвин одлучив да го започнам медицинскиот процес. Започнав да земам тестостерон, мојот изглед се смени целосно. По неколку месеци го сменив името. Законот за лично име тоа го дозволува, меѓутоа нема постапки за промена на ознаката за пол и за матичниот број. Кога поднесов барање за промена на ознаката, Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда одолговлекуваше, правеше проблем, одлучуваше без законска основа, даваше бизарни изговори, а на крајот и по толку постапување по мојот и по други предмети, дури се прогласи и за ненадлежна. Тоа е цел еден процес кој е внимателно документиран. Заедно со фантастичната Наташа Бошкова од Коалиција Маргини го водиме процесот уште од самиот почеток. Вториот степен по Управата е самото Министерство за правда. Со нивната одлука ништо не се смени. Потоа следниот чекор е Управниот суд, кој го врати предметот на повторно одлучување и повторно поминував низ истите бизарни ситуации. Како може никаде да не пишува дека се бара операција, а изговорот во процесот да биде дека треба да се достават документи за операција? Јас секако настрана го водев и тој процес, но не го водев поради институциите, туку поради себе, за јас да имам поквалитетен живот. Ниту еден службеник нема право да бара од мене сосила да „легнам под нож“. Ова е мое тело. Тој нема право на него.
Процесот траеше предолго, а условот да се оди во Стразбур е да се исцрпат сите инстанци кај нас. Со оглед на тоа дека го поминавме Управниот суд, можевме да поднесеме апликација до Европскиот суд. Немав намера да се откажам, а немам намера ни денес. Пресудата вели дека државава има обврска да усвои законска рамка со која на брз, транспарентен и пристапен начин ќе се овозможи промена на документите. Државата не смее да бара медицински интервенции затоа што тоа го напаѓа телесниот интегритет на транс луѓето. Многупати имам кажано, и пак ќе повторам: телесниот интегритет е уставно заштитен и од државава очекувам да го почитува Уставот. Тука нема компромис. Уставот го штити мојот телесен интегритет и државата нема право да бара од мене да влегувам во здравствени ризици за да промени парче хартија. Ако не им пречело да добијам машко име, нема логика да им пречи да го усогласам остатокот. Нема смисла.
Како македонското општество ги прифаќа трансродовите лица, и како вие како трансродово лице се чувстувате во Македонија?
Поради тоа што ја имам поминато медицинската транзиција и мојот изглед е целосно машки, во јавноста генерално се чувствувам безбедно затоа што нема што да се забележи. Нема разлика. Сепак најголемиот проблем е со документите. Банка, пошта, аеродром, на лекар… каде сакате – проблемот се појавува! Не смее да се дозволи моите права во сите овие области, и многу повеќе ситуации, да бидат нарушени. Правда мора да има. Засега државата го толерира ваквиот третман кон транс луѓето, но за тоа постојат правни механизми кои ќе наложат соодветни последици согласно законите.
Нешто што особено ми пречи во општеството е третманот на транс луѓето од страна на медиумите. Или сме главна тема на потсмев, или јавноста нѐ плука, или сака да нѐ запали – секакви коментари има по социјалните мрежи. А луѓето немаат поим како изгледа транс личност. Мислат дека транс мажите изгледаат како жени, а транс жените изгледаат како мажи. Поголем стереотип не постои. Деновиве поради публицитетот на случајот се изначитав наслови од типот „жената што сака да биде маж“. Тоа е елементарно непочитување на мојот идентитет! Би сакал да се обратам на јавноста, на сите читатели, со една информација која на прв поглед е сензационалистичка: драги мои, моето тело не е предмет на ваше толкување. Да, еве по своја волја одлучувам да ви кажам дека имам машки глас, брада, машка телесна конструкција, влакнетост, извршени интервенции. И покрај сите овие информации, моето тело повторно не е предмет на ваше толкување. Моето тело е моја работа, не ваша. Секојдневно се разминувате со транс луѓе меѓутоа не забележувате дека се транс – затоа што толку неверојатно убаво изгледаме! Имајќи го ова предвид, би сакал јавно да ги осудам СИТЕ сензационалистички наслови од типот „жената што сака да биде маж“, да повикам на почитување на мојот идентитет како граѓанин, и да препорачам на сите читатели и сите новинари да го прочитаат истражувањето „Трансродовото искуство“ од неверојатниот Славчо Димитров, како и Водичот за новинари на Transgender Europe. Изрично барам етичко известување. А во однос на деталите – истражувањето ќе ве запознае со транс заедницата во Македонија. Тука сме, одлучни сме и заслужуваме почит!
Има ли некаков напредок низ годините во однос на општеството и државните институции во однос на ЛГБТ заедницата?
Во државните институции напредокот е минимален, и кај поединци. За среќа имаме Интерпарламентарна ЛГБТИ група, но борбата во Парламентот допрва започнува. Еволуцијата се случува пред сѐ во заедницата. Сум бил во ситуации кога сум бил да се сликам за лична карта и сум бил предмет на потсмев, меѓутоа остро сум кажал дека знам кои се моите права и механизмите за заштита. Тогаш сум добивал долгометражни извинувања. Луѓето полека се освестуваат, меѓутоа главната промена доаѓа од заедницата и нејзините пријатели и поддржувачи. Се печатат публикации, се одржуваат работилници, и транс луѓето се сѐ покомпетентни во бранењето на своите права. Тоа неизбежно ќе донесе промени.
Какви се вашите очекувања од Македонија за во иднина во однос на ЛГБТ заедницата? (посебен осврт на трансродот)
Очекувам неколку работи. Најпрво, државата да сфати дека овие граѓани постојат и дека не смее да ги занемарува. Мора да ги третира еднакво. Очекувам да се донесе законска рамка за правно признавање на родот исклучиво врз основа на самоопределување. Очекувам после цела вечност да се донесе новиот закон за спречување и заштита од дискриминација. Очекувам во иднина да се работи и на здравствените прашања затоа што здравствениот систем е особено проблематичен кон ЛГБТ заедницата, и посебно кон транс луѓето. Очекувам повисоко ниво на едукација. Очекувам медиумите да престанат да нѐ гледаат како „сочни приказни“. Ова се нашите животи, ова не е забавна секција. Очекувам да бидеме третирани како рамноправни граѓани затоа што тоа и сме. Нема тука никаков специјален третман. Очекувам основни права, основен пристап до добра и услуги, без предрасуди, без потсмев и без навреди. Очекувам правда.
Извор: We Accept
[:]