Во периодот од 10ти до 13ти октомври, во Брисел ќе се одржи првиот Конгрес на сексуални работници, во организација на Европската алијанса за правата на сексуалните работници ESWA.
Конгресот на ESWA претставува неверојатна можност за сексуалните работници од цела Европа и Централна Азија да се запознаат меѓусебно, да се вмрежат, да стратегираат и да ги развијат своите капацитети за продолжување на борбата за правата на сексуалните работници! Во рамки на Конгресот, ќе се одржат десетина работилници на кои сексуалните работнци ќе имаат можност да дискутираат на теми поврзани со правата на сексуалните работници, законските рамки, пристапот до правда, здравје и дигитални права, ќе се одржи и јавна конференција и настан во Европскиот парламент.
За време на Конгресот, ќе се одржи и првото Генерално собрание на организациите-членки на мрежата, кое ќе биде од хибриден карактер, каде што членовите на ESWA ќе можат дополнително да се вклучат во работата на мрежата, а организациите-членки предводени од сексуални работници да гласаат за активностите и финансиските извештаи, како и да предлагаат промени за приоритетите и начините на работа на ESWA.
Со цел да се овозможи присуство на поголем број на сексуални работници на Конгресот, претставници на различни региони од Европа и Централна Азија, како и присуство на оние кои доживуваат дополнителни форми на маргинализација или дискриминација, како што се сексуалните работници-мигранти, лицата дискриминирани врз основа на раса, луѓето кои живеат со ХИВ, лицата со попреченост и ЛГБТИ+ заедницата, ESWA спроведуваат онлајн кампања An Act of Congress за собирање на средства.
Како дел од кампањата за прибирање на финансиски средства, можете да донирате со купување на календар со фотографии од заедницата на сексуални работници, за кои и СТАР придонесе во неговото креирање со фотографија од Маршот на црвените чадори 2021, како и накит, торби, и/или маички, а со тоа да помогнете што повеќе членови на заедницата на сексуални работници да учествуваат на Конгресот, со што ќе се покријат трошоците за нивно сместување, пат и храна.
На првиот Конгрес на ESWA, ќе присутвуваат околу 200 учесници од Европа и Централна Азија, претставници на организациите-членки, меѓу кои и двајца претставници на СТАР-СТАР Скопје.
Линк до онлајн кампањата за собирање на средства: https://www.indiegogo.com/projects/an-act-of-congress#/
Линк до оригиналната објава на ESWA, каде можете да прочитате повеќе за Конгресот: https://www.eswalliance.org/congress_2022