ПО 15 ГОДИНИ БОРБА, КОНЕЧНО ПРАВДА ЗА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда Д.Х. и други против Северна Македонија бр. 44033/17 со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет. Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови.

Во ноември 2008 година, Министерството за внатрешни работи со спектакуларна полициска акција наречена ,,Сузбивање на улична проституција,, приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23- сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.

За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање. 

По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права. 

Оваа пресуда, иако со задоцнување, е потврда дека државата има обврска да ги почитува правата  на сите и со темелна и ефикасна истрага да ги испита наводите за нехумано и деградирачко постапување, особено кога истите доаѓаат од ранлива група на граѓани. Како што утврдил и ЕСЧП, жртвите лишени од слобода, во ситуација која единствено е под контрола на властите е одговорност на Државата, а според ЕСЧП Владата не  презентирала доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи претставува повреда на правот на приватен живот. 

Поради ова, ги повикуваме надлежните институции навремено да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права, да ги заштитат правата на сите жртви на полициската акција од 2008 година и да преземат мерки во иднина институциите, особено Министерството за внатрешни работи, да се воздржи од дејствија со кои ги повредуваат правата на сексуалните работници, како и мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови. 

Извор: https://hops.org.mk/po-15-godini-borba-konechno-pravda-za-seksualnite-rabotnichki/

Tags: , , ,