Во рамки на своето јубилејно делување во полето на заштитата и унапредувањето на здравствените и социјалните права на сексуалните работници кај нас, истовремено го градевме и унапредувавме и нашиот бренд идентитет. Десет години подоцна, препознаени сме како основачи на Првиот колектив на сексуални работници на Балканот.
Во првата половина од годината, работевме на процес на ребрендирање на организацијата, развивајќи нов визуелен идентитет составен на сет од визуелни елементи, прецизно креирани да одговараат на она што е СТАР денес. Преку градењето на единствениот организациски идентитет, и помагаме на јавноста да ги препознае нашите заложби и аспирации кои единствено целат кон помош на заедницата кои мнозинството од нас во СТАР ја претставуваат.
Наместо да го смениме логото, ја изменивме неговата околина. На овој начин, ние останавме верни на црвениот чадор како препознаен симбол на сексуалната работа. Новото лого на СТАР како главен елемент го содржи црвениот чадор којшто симболизира отпор против насилството врз сексуалните работници. Засолнати под чадор се исцртуваат контурите на Балканот, а составен дел од логото е визуелниот идентитет на организацијата: „Прв Колектив на Сексуални Работници на Балканот“, по што сме препознатливи како организација.
Македонска верзија на логото на СТАР
Англиска верзијa на логото на СТАР
Во рамки на ребрендирањето на организацијата, СТАР го дефинираше медиумскиот пакет за визуелен идентитет, вклучувајќи утврден стандардизиран фонт на букви во сите документи, публикации, истражувачки и новинарски статии, официјални и неофицијални материјали кои произлегуваат од организацијата, како и стилизирање на бизнис карти, веб-страница и печатени промотивни материјали.
Визуелизирањето на овие компоненти претставува значаен дел од нашиот бренд, со цел зголемување на видливоста на организацијата на национално и меѓународно ниво.
Нашиот визуелен идентитет претставува олицетворение на сето она за што СТАР се залага, а истовремено влијае на изгледот и чувството на сè што правиме. Доколку сме посветени и доследни на неговата употреба сите заедно можеме да го зајакнеме квалитетот на нашата работа, да водиме јасни и прецизни комуникации и што е најважно достојно да ги дисеминираме нашите вредности.
Ви испраќаме колективен поздрав и благодарност за поддршката која ни ја давате за време на нашиот раст и развој, помагајќи ни да допреме онаму каде што сами не можевме.
Процесот на градење на новиот визуелен идентитет на СТАР е потпомогнат и поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.[:]