ПО ДИРЕКТИВА НА БРИСЕЛ, СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЦИ И ДРОГАТА ВЛЕГОА ВО МАКЕДОНСКИОТ БДП

Сексуалните работници и дрогата влегоа во македонскиот домашен бруто-производ (БДП), односно проценетите приходи од илегалните активности, како што се проституцијата и шверцот, веќе имаат удел во растот на македонската економија што го нотира државната статистика во својот последен извештај.

Државниот завод за статистика ја имплементира новата методологија на Европскиот статистички систем ЕСС 2010 по примерот на Велика Британија и многу други европски земји, како и на Хрватска, која од неодамна работи по новата методологија. Иако податоците се нови, од Заводот за статистика нема подетални објаснувања како кај нас се правени пресметките за приходите од овие илегални активности. Од таму најавуваат дека до крајот на месецот ќе излезе публикацијата „БДП – ревидирани податоци“, каде што приходите и процентот на учество на секоја од илегалните активности поединечно во БДП нема да бидат посебно дадени, туку ќе бидат заедно во делот услуги. Така, јавноста ќе остане без податокот колкави проценети приходи се вртат во овие илегални активности и колкаво е нивното учество во македонскиот БДП, но и врз основа на кои податоци се правени процените. Праксата од земјите што работат по оваа методологија досега покажа дека приходите од илегалните активности имаат минимален удел во БДП на тие земји.

Инаку, македонскиот БДП во вториот квартал од годинава порасна за 4,3 отсто и е најдобриот резултат меѓу стопанствата на земјите од ЕУ, каде што дури и најсилните економии бележат пад на економијата. Статистиката покажува дека најголем двигател на македонската економија се личната потрошувачка и инвестициите.

– При последната ревизија во 2014, во ДЗС се направени пресметки на илегалната економија базирани на препорачаните методи – количина по цена за ставките проституција и дрога и пресметка за вредноста на бакшишот во рестораните, фризерниците и такси-превозот во кои делумно е вклучена и потрошувачката на нерезидентите. Тие пресметки имаат импликација врз резултатот на меѓуфазната потрошувачка, но и на оперативниот вишок, и тоа за индустриите што се производители на тие услуги и на домаќинствата како производители, но и во потрошувачката на домаќинствата – пишува во објаснувањето на статистиката на новата методологија на пресметката.

Неодамна Хрватскиот завод за статистика објави податок дека илегалните активности го зголемуваат БДП на земјата за 0,7 отсто, односно за околу 300 милиони евра. Директорот на Државниот завод за статистика, Марко Kриштов, за хрватскиот медиуми изјави дека просечниот доход од дистрибуција на дрога во периодот од 1995 до 2012 година изнесува 0,28 отсто од хрватскиот БДП, а исто толкаво е учеството и на проституцијата.

Според пишувањето на „Фајненшал тајмс“, проституцијата и дрогата на британската економија годишно ~ носат 10 милијарди фунти. Годинава Британија првпат во пресметките за БДП ги внесе и приходите од овие активности. Досега единствените нелегални активности пресметани во БДП беа процените за шверц на алкохол и цигари. Новите пресметки го зголемија БДП на Велика Британија за околу 16,7 милијарди долари во споредба со 2009 година.