Во средината на јануари 2022 година, Европскиот парламент го изгласа новиот амандман на Законот за дигитални услуги (DSA-Digital Services Act). Сепак, Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA), која претставува повеќе од 90 организации кои работат со сексуалните работници во Европа и Централна Азија, искажува загриженост во врска со амандманот кој веќе е изгласан од страна на Европскиот парламент. Овој амандман предлага воведување на процес на верификација на корисниците и креаторите на порнографска содржина преку „двојна регистрација со е-пошта и мобилен телефон“ на онлајн платформи и страници. И покрај волјата и напорите на Парламентот да создаде побезбедна онлајн средина за корисниците, сепак задолжителната регистрација на корисниците преку мобилен телефон би била штетна за сексуалните работници и другите креатори на онлајн содржини, прекршувајќи ги нивните дигитални права, што пак претставува штетна практика во однос на обезбедувањето онлајн приватност и безбедност на маргинализираните заедници, преку собирање на приватни информации на сексуалните работници.
Иако, амандманот е прифатен од страна на Европскиот парламент, сепак ќе има преговори, и во наредниот период, Советот на Европа ќе ја разгледува предложената легислатива.
Во писмото за загриженост, во врска со прифаќање на новиот амандман на Законот за дигитални услуги (DSA), се наведени причините зошто овој Закон е штетен за заедницата на сексуални работници и кои се препораките на Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA):
“Заедницата на сексуални работници е силно стигматизирана и криминализирана која често функционира во несигурни услови за живот и работа. Особено за време на пандемијата КОВИД-19, пристапот до онлајн платформите и можноста за работа преку Интернет претставуваат спас за многу сексуални работници кои се трудат да заработат доволно за да ги платат своите кирии или да се грижат за своите семејства. Поради оваа стигматизирана и криминализирана природа на креирањето на сексуална содржина за возрасни и други видови на сексуална работа, безбедноста на нивните податоци е од најголема важност бидејќи секое прекршување на нивните права, преку протекување на податоци претставува директна закана за животот и благосостојбата на сексуалните работници. Прекршувањата и протекувањето на информации се случуваат редовно без оглед на безбедносните мерки што ги преземаат приватни компании или влади. Затоа, кога се регулираат онлајн содржините на платформите кои често се користат од стигматизирани и дискриминирани заедници, барањата за собирање податоци може да предизвикаат поголема штета отколку нивна заштита. На пример, собирањето на броевите од мобилните телефони на сите онлајн корисници на порнографските платформи ќе ги изложи сексуалните работници на закана од протекување податоци и злоупотреби, вклучително и принудни јавни излегувања, следење, уцена, изнуда и насилство или лишување од старателство над дете.“
„Веќе 5 години се занимавам со сексуална работа, вклучително и креирање порно содржина. Она што е важно за мене, како корисник на онлајн платформите, е да знам дека моите лични податоци се безбедни. Од моја гледна точка, давањето на е-пошта и телефонски број е опасно и ризично и се плашам дека моите лични податоци би можеле лесно да протечат во јавност. Како сексуална работничка ќе бидам мета на вознемирување и злоупотреба како и кражба на содржина, и кражба на идентитет…“ – Берте Де Лаон, сексуална работничка.
Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA) ги поддржува само амандманите кои имаат за цел да ја зајакнат безбедноста на корисниците на порнографските платформи и кои ќе преземат неопходните чекори за да се осигура безбедноста на корисниците на овие платформи, како и да се обезбедат начини за корисниците да идентификуваат и пријавуваат сомнителни активности. Прописите мора да ги земат во предвид потребите на сите маргинализирани заедници.
Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA) итно ги повикува своите организации членки да испратат писмо за загриженост до претставници на Советот на Европа во своите земји во врска со амандманот на Законот за дигитални услуги (DSA) со цел да го отфрлат амандманот за задолжителната регистрација на креаторите на порнографски содржини (точка (а) од Амандманот 1521 член 24б).