Европската комисија неодамна предложи нова регулатива „за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца: откривање, отстранување и пријавување на нелегална содржина на Интернет“, која често се нарекува Контрола на разговор или CSA регулатива.
Доколку биде усвоена, оваа регулатива ќе ги направи сите онлајн платформи и даватели на интернет услуги одговорни за приватните комуникации на своите корисници. Ова значи дека давателите на интернет услуги и платформите ќе можат да ја снимаат и следат целата приватна комуникација меѓу корисниците со цел да откријат материјали за сексуална злоупотреба на деца (вклучувајќи WhatsApp, Signal, Facebook, Instagram како и други апликации и веб-страници).
Оваа регулатива е голема закана за приватноста на корисниците и им дава премногу моќ на владите и приватните компании со зголемување на нивото на надзор. Ваквите практики се штетни за сите, вклучително и за децата; сепак, заканата е многу поголема за криминализираните заедници како што се сексуалните работници. Откако ќе биде изгласана, оваа регулатива ќе се применува во сите земји од Европската Унија.
Европската алијанса за правата на сексуалните работници (ESWA), се приклучи на иницијативата на Здружението Европски дигитални права (ЕДРи) и неодамна потпиша писмо заедно со уште 85 граѓански организации во Европа во кое ја повикува Европската комисија да го повлече својот предлог. Писмото содржи резиме на предложената регулатива и покажува како таа може да им наштети на поединците и општеството.
Со цел да се прошири информацијата за оваа регулатива и опасноста која ја носи за маргинализираните и криминализираните заедници како што се сексуалните работници, од ESWA апелираат на споделување на писмото до Европската комисија кое е се уште отворено да се потпише.
Отвореното писмо за повлекување на предлог регулативата може да се потпише на следниов ЛИНК.