ОСУДА ЗА НАСИЛСТВОТО И КАЗНА ЗА НАСИЛНИЦИТЕ !

[Сексуалните работници и Стар-Стар како членка на Националната Мрежа против Хомофобија и Трансфобија силно го осудуваат вчерашниот напад врз кафе барот Дамар, каде ЛГБТИ Центарот за поддршка правеше забава за одбележување на две години од своето постоење.
Во прилог Соопштението за јавност на Националната Мрежа против Хомофобија и Трансфобија:

БАРАМЕ ОСУДА ЗА НАСИЛСТВОТО И КАЗНА ЗА НАСИЛНИЦИТЕ

Националната Мрежа против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ) на РМ е мрежа од дваесет невладини организации и индивидуалци кои координирано дејствуваат против насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во нашето општество.
НМХТ најостро го осудува нападот врз кафе барот Дамар во Старата скопска чаршија на прославата на втората годишнина од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. НМХТ сака да потенцира дека правото на живот, безбедност и сигурност, заштитата од дискриминација и правото на слободата на изразување е предвидено во Европската конвенција за човекови права и основни слободи и во Уставот на РМ. Овие права им припаѓаат на сите луѓе, без оглед на нивната сексуална ориентација и родов идентитет и улогата на државата и државните органи институции и тела е клучна во остварувањето и практикувањето на ова право.
На 23.10.2014г., ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права организираше прослава по повод две години од отворањето на организацијата. Забавата беше организирана во кафе барот Дамар во Старата скопска чаршија. Во 21:20-21:30 часот, група од околу триесет млади луѓе пристапија од двете страни на улицата на која гледа кафе барот. Лицата кои беа маскирани и со качулки на главите, беа вооружени со стаклени шишиња и други тврди предмети. Молскавично и во стампедо во трк, групата пристапи од двете страни и го каменуваше објектот. По нападот, групата се разбега по околните улички. Во моментот на настанот, во кафе барот Дамар имаше присутни повеќе од шеесет лица на прославата на Центарот, од кои две лица (момче и девојка) се наоѓаа надвор од објектот, пред влезната врата на кафе барот. Групата ги нападна момчето и девојката со стаклени шишиња и со удари по пределот на главата и телото со што им нанесе телесни повреди. Додека ги удирале, напаѓачите постојано им кажувале дека треба да си одат од тука и дека тука нема место за педери. Неколку од лицата кои се наоѓаа во внатрешноста на кафе барот се здобија со помали расекотини од разлетаните парчиња стакло.
Преку својот Дневен Билтен, МВР го има дадено следниот опис на настанот:
На 23.10.2014 година околу 22,00 часот во Скопје во Старата чаршија, поточно во ОУ„Дамар“ од страна на неколку непознати лица извршено е насилство, при што со фрлање на камења, биле искршени стаклата на објектот. Во настанот, со телесни повреди се здобиле К.Д.(26) и Е.Л.(18). Увид на лице место извршила увидна екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за откривање на сторителите.
Информациите објавени во билтенот се нецелосни, неточни и не ја прикажуваат целата слика за настанот.
Во ниту еден дел од Билтенот нема информација дека нападот се случил за време на прославата организирана од ЛГБТИ Центарот, ниту дека ова е шестти напад врз Центарот (и неговите активности) во Чаршијата, што веќе претставува криминален тренд кој бара поинакво постапување. Исто така нападот не беше извршен од страна на неколку лица, туку од страна на голема организирана група. На ниту едно место во Билтенот не беа споменати пораките кои ги извикуваа напаѓачите, т.е. дека “(педерите) треба да си одат од тука и дека тука нема место за педери“. Понатаму, нападот е окарактеризиран како “насилство“, што укажува дека доколку МВР поднесат пријава, тоа ќе биде само за КД насилство (чл.386), како и досега, а во нитуеден дел од текстот не е споменато дека во внатрешноста на објектот имаше повеќе од шеесет луѓе, со што беше предизвикана значителна опасност по животот и телото на присутните.
Поради тоа, овој напад истовремено ги исполнува и битијата на делата Предизвикување општа опасност (поради директната опасност по животот и телото на присутните), како и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето (поради фактот дека ова е напад кој се случува во период кога Центарот организира прослава во кафе барот и поради трендот на повеќе напади врз организацијата со ист начин на извршување).
НМХТ ја прашува Владата на РМ и надлежните институции до кога ќе продолжи потценувањето на насилството кое е дел од секојдневниот живот на ЛГБТИ луѓето? До кога ќе продолжиме да се преправаме дека овие луѓе не постојат, дека секојдневно не се соочуваат со реални закани по нивниот живот и тело и дека немаат потреба од посебна правна заштита и правен третман?
Поради тоа, НМХТ ги упатува следните барања до Владата на РМ, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните Судови:
1. Бараме јавна осуда од Премиерот на Владата и Министерката за внатрешни работи за хомофобичното насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето во РМ во текот на денешниот ден.
2. Брзо разјаснување на случајот, откривање на сторителите и ефикасна судска постапка за Насилство, Предизвикување општа опасност и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето.
3. Разјаснување, откривање на сторителите и покренување на судска постапка против сторителите на предходните пет напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија.
4. Отворање на кривична истрага за говорот на омраза кој следеше на социјалните мрежи по нападот и за Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза против ЛГБТИ луѓето.
За крај предупредуваме дека со тенденциозното неказување на сторителите, институциите не само што го охрабруваат насилството туку и практично дејствуваат како соучесници.
Правда за сите. Различни. Слободни. Еднакви.