На 16.12.2021, во хотел Турист Бест Вестерн се одржа тркалезна маса за спроведување на 11-тата Ревизија на Меѓународната класификација на болестите (МКД-11) на национално ниво, во организација на ЕРА – Асоцијација за еднакци права на ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција, Коалиција Маргини и ТрансФормА.
На тркалезната маса, на која присуствуваа претставници на Министерство за здравство, Светска здравствена организација и Канцеларијата на ОН во земјава, се дискутираше за подготовката и спроведувањето на протоколите кои произлегуваат од МКД-11, како и за вклученост на засегнатите страни со цел поддршка и олеснување на процесот кој го води Министерството за здравство при усогласувањето на домашната правна рамка со меѓународните обврски во однос на формална депатологизација на трансродовите идентитети со отстранување на трансродовите состојби од Поглавјето за ментални болести.
Во рамки на тркалезната маса, СТАР-Прв колектив на сексуални работници на Балканот го презентираше истражувањето: „Проценка на компатибилноста на постоечките здравствени и превентивни услуги со потребите на трансродовите лица во Северна Македонијa“, кое го изготви во соработка со ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Република Северна Македонија. Истражувањето дава податоци и информации базирани на докази кои ги поткрепуваат овие процеси и дава препораки за усогласување и подобрување на здравствените услуги согласно потребите на трансродовите лица.
Извештајот од истражувањето го презентираа Ненад Мицов, како претставник на СТАР-СТАР и Предраг Јовановски како претставник на зедницата на трансродовите луѓе.
СТАР-СТАР во целост ги поддржува националните заложби за правното и медицинското признавање на родот и повикува институциите да продолжат со изработката на Упатството за здравствена заштита на трансродовите луѓе.