Од 31-ви мај до 2-ри јуни 2015 година, СТАР-СТАР во соработка со Меѓународниот комитет за правата на сексуалните работници во Европа беше домаќин на обука предводена од заедницата на тема: Човекови права и ХИВ посветена на сексуалните работници во Македонија. Обуката беше спроведена со поддршка на Фондот Роберт Кар за мрежи на граѓанско општество и беше посетена од 16 женски, машки и трансродови сексуални работници кои работат низ целата држава.

Додека се фокусираа на правата на сексуалните работници, правниот статус, безбедноста и здравјето, особено во смисла на ХИВ, учесниците идентификуваа неколку главни проблеми кои значително придонесуваат за ранливоста на сексуалните работници во Македонија.
Работната група ги идентификуваше следниве проблеми:
Медиумите не дехуманизираат нас – сексуалните работници
Стигмата насочена кон сексуалните работници преовладува во медиумите, која се искажува, помеѓу другите работи, и преку употреба на термини како „проститутки“. Ова не е никаква новост, меѓутоа е сепак потсетник за тоа во колкава мера се присутни негативните прикажувања на сексуалната работа и сексуалните работници. Негативни и навредливи слики редовно се прикажуваат во мас медиумите, прикажувајќи не како валкани, заболени, полни со гревови, девијантни, заканувачки или насилни, што дополнително ја поттикнува стигмата за сексуалните работници кај пошироката публика. Дехуманизирани и оклеветени, сексуалните работници во Македонија се жртви на дискриминација во повеќето институции, вклучувајќи ги и здравствените установи, што негативно влијае на нивната благосостојба, безбедност и здравје. Дискриминацијата врз сексуалните работници – без оглед дали е заснована на вклученост во сексуална работа, пол, сексуален идентитет, етничко потекло или националност – мора да запре!
Полицијата и институциите не гледаат на сексуалните работници како на луѓе кои заслужуваат помош
Сексуалните работници сеуште се вбројуваат помеѓу најмаргинализираните членови на македонското општество. Тие се подложени на малтретирање, насилство, законско угнетување, полициски рации, арбитрарно притворање и присилно ХИВ/СПИ тестирање. Сите владини институции, вклучително и законодавците и извршната власт, ги гледаат сексуалните работници повеќе како непријатност која треба да се игнорира или неморални прекршители на законот отколку индивидуи кои заслужуваат заштита од насилство и други прекршувања на човековите права. Пристапот на сексуалните работници до правда е ограничен и не добиваат никаква социјална и економска помош или поддршка. Со цел да се избегнат овие форми на институционално насилство и дискриминација бараме сексуалните работници како ранлива заедница да се заштитат со закон против дискриминација.
Да и ставиме крај на внатрешната дискриминација во заедницата на сексуални работници
Многу често сексуалните работници се дискриминираат меѓусебно. Пазарната конкуренција, различните културолошки потекла, како и разликите во економскиот и социјалниот статус помеѓу сексуалните работници се некои од причините за поделби и тензии внатре во заедницата. Со цел да ја запреме дискриминацијата внатре во заедницата на сексуални работници мора да работиме на понатамошен развој на солидарноста помеѓу сексуалните работници и да го зајакнеме признавањето на мноштва различни искуства, животни приказни и работната реалност. Нашата сила лежи во нашата различност!
Здравјето на сексуалните работници е под закана
Се плашиме дека здравствените услуги обезбедени од доверливи и сензитивизирани провајдери на услуги во Македонија наскоро нема да бидат достапни. Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберколоза и маларија, кој минатите неколку години инвестираше во подобрување на нашето здравје со давање финансиска поддршка за оние кои даваат здравствени услуги на сексуални работници и други маргинализирани и ранливи заедници, веќе најави повлекување од земјата. Уште еднаш би сакале да ја истакнеме нашата ранливост од ХИВ и СПИ, потребата од пристап до бесплатни кондоми и лубриканти, како и ХИВ услуги без осуда и со почит. Бараме од Министерството за здравство сериозно да го земе предвид нашето здравје и да је преземе оваа одговорност во свои раце откако Глобалниот фонд ќе се повлече во декември 2016 година.
Сексуалната работа не е призната како работа
Со самото тоа што проституцијата се смета за девијантен феномен постојат многу негативни влијанија во многу сфери од нашиот живот. За да бидеме заштитени од насилство, малтретирање, тепање и дискриминација од општата популација, клиенти, менаџери или полицијата, нашата работа мора да биде законски признаена на државно ниво. Потребна ни е законска рамка која нема да ја изедначува сексуалната работа со прекршок или експлоатација. Министерството за внатрешни работи треба да воочи дека елиминацијата на „експлоатација во проституцијата“ не значи исто што и елиминација на „проституцијата“, и последователно треба да преземе итни и сериозни мерки против „искористувачите“ наместо против „жртвите на експлоатација“. Бараме право на безбедни работни услови, заштита и слобода од мешање!
_____________________________