Оддржан 12-тиот Марш на Црвениот Чадор посветен на борбата против родово-базираното насилство

Традиционално, како и секоја година, СТАР и сексуалните работници го одбележаа 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници со организирање на 12-тиот Марш на Црвениот Чадор во центарот на Скопје, посветен на борбата против родово-базираното насилство. Околу 100-тина учесници, сексуални работници, активисти и поддржувачи маршираа од пред Спомен куќата Мајка Тереза до плоштадот Филип II, приклучувајќи се кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува нашата заедница.

„И јас сум човек, мајка и жена. Мое лично право на избор е што ќе работам и не треба никому да му пречи. Ние, сексуалните работници, ќе продолжиме да се бориме сѐ додека не добиеме еднаков третман во општеството и се надеваме на поддршка од институциите“.

Одбележувањето на овој ден е од големо значење за нас. Испративме порака за СТОП НА НАСИЛСТВОТО до институциите и општата јавност со цел да се отвори едно ново поглавје во животите на сексуалните работници во кои тие ќе бидат заштитени и безбедни и ќе ги уживаат своите права подеднакво со останатите граѓани во општеството. Ние не застануваме тука, борбата против дискриминацијата, насилството, стигмата, принудувањата и експлоатацијата продолжува и понатаму.

Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажале дека жените и трансродовите сексуални работици се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Во анализите кои ги покажуват истражувањата спроведени директно на терен од страна на граѓански организации во 2018 година, во Р.С. Македонија, документирани се 100 случаи на насилство пријавени од страна на сексуалните работници. Најголем дел од нив се случаи на семејно насилство, и насилство врз трансродови сексуални работници. Во 2019 година, бројот на документирани случаи на насислтво е помал. Но, тоа не се должи на позитивните промени, туку баш напротив. Според нашите искуства на терен, сексуалните работници се уште се обесхрабрени, немаат доверба во институциите и се плашат да пријават насилство.

Голем број на медиуми целосно го следеа Маршот на Црвениот Чадор. Многу национални и локални телевизии им дадоа поддршка на сексуалните работници преку нивните медиумски прилози и видео снимки од маршот во централните вести.

Во прилог ви пренесуваме дел од атмосферата преку фотографиите на Ванчо Џамбаски од овогодинешниот Марш на  Црвениот Чадор на следниов линк:

https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72157712244747222?fbclid=IwAR1pIx8WVczUdTbp6xI3glfqQEjSilKApFidDq4sIkrVli5I0ROWgfe1FSo/with/49233997067

Tags: , , ,