Оддржана работилница на тема „Имплементација на ТРАНСИТ во Република Северна Македонија“ во организација на СТАР-СТАР, поддржано од EKHN

На 04.10.2019, во хотел Порта, Скопје, беше организирана работилница на тема „Имплементација на ТРАНСИТ во Република Северна Македонија“ во организација на СТАР-СТАР – Здружение за поддршка на маргинализирани работници, во соработка со ТРАНСФОРМА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија. Оваа проектна активност е поддржана и финансирана од EKHN (Eurasian Key Populations Health Network). EKHN e иновативна мрежа која ги води и инспирира земјите од Евроазискиот регион во постигнување на универзален пристап во превенција на ХИВ, третман, грижа и поддршка за клучните популации, вклучувајќи ги сексуалните работници, мажите кои имаат секс со мажи, трансродовите лица и други засегнати популации.

ТРАНСИТ или алатката за воведување на сеопфатни ХИВ/СПИ програми со трансродови лица претставува меѓународно препорачан пристап кој содржи практични совети за обезбедување на програми за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ) меѓу трансродовите лица. Имплементацијата на ТРАНСИТ алатката е од голема важност за заедницата на трансродови лица во Република Северна Македонија. Со прилагодување на оваа алатка, на трансродовите лица им се овозможуваат низа практични совети и упатства за заеднички интервенции за согледување и надминување на проблемите со кои тие секојдневно се соочуваат.

Оваа алатка опишува како треба да бидат направени и спроведени интервенциите со цел да бидат прифатливи за трансродовите лица, и посебно внимание се става на добрата и постојаната комуникации со нив. ТРАНСИТ алатката е продукт на соработка помеѓу заедницата на трансродови лица, правни застапници, даватели на услуги, истражувачи, владини претставници и невладини организации од целиот свет, како и агенциите на ОН и развојните партнери од Америка.

Оваа алатка е наменета за употреба од страна на официјални претставници и менаџери на ХИВ и СПИ програми, невладини организации, вклучувајќи ги и клучните заедници, како здравствените работници. Може да им биде од интерес и на меѓународните агенции за финансирање, креаторите на здравствени политики и застапници. Намерата е да се покрие имплементацијата на интервенциите за сите услуги поврзани со ХИВ, вклучително и интервенциите за превенција, дијагноза, третман, нега и поддршка.

[:]

Tags: , , , , , ,