СТАР-СТАР – Здружение за поддршка на маргинализирани работници од 06.12 до 08.12. 2019 год. во Хотел Гарденија, Велес, организираше дводневна работилница на тема: “Зголемување на сензибилноста на здравствените работници како клучни даватели на услуги за сексуалните работници“, со претставници од здравствениот сектор на територијата на град Скопје. На дводневната обука, реализирана со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA), учество земаа 12 здравствени работници, од кои повеќето беа матични лекари.
Оваа работилница имаше за цел да го истражи поширокиот контекст во кој се одвива сексуалната работа во Р. С. Македонија и да ги запознае учесниците (здравствените работници) со проблемите и потребите на сексуалните работници, кои поради постоечката стигма и дискриминација во општеството, како и нелегалниот статус на нивната работа, често остануваат надвор од здравствениот и социјалниот систем во земјата. Како резултат на тоа, голем број на социјални и здравствени услуги остануваат недостапни за сексуалните работници, вклучително и сервисите за превенција и третман на ХИВ и на други сексуално преносливи инфекции.
На работилницата, учесниците имаа можност да се запознаат со работата на СТАР, новите методи за превенција на ХИВ и воведување на ПрЕП и ПЕП како алтернативна профилакса, потоа со принципите на SWIT алатката – Воведување сеопфатни програми за ХИВ и СПИ со сексуалните работници, според кои здравствените услуги треба да се достапни, пристапни и прифатливи за сексуалните работници и треба да се базираат на принципите на: избегнување на стигмата, не-дискриминација и правото на здравје.