Денес, во хотел Арка, во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет се одржа конференцијата на тема “Унапредување на законската рамка за заштита на човековите права на трансродовите луѓе во Република Северна Македонија”.
Во рамки на конференцијата, беа презентирани најдобрите пракси за правно признавање на родот во другите земји на Европската унија, како и највисоките стандарди за почитување на правата на трансродовите луѓе и правното признавање на родот поставени од страна на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права. За време на конференцијата се отвори јавна дискусија со релевантните политички актери и застапници за човековите права на ЛГБТИ за постојната и потребната законска рамка за заштита на човековите права на трансродовите луѓе и правно признавање на родот во Република Северна Македонија.
На конференцијата се обратија претставниците на Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ во Собранието на РСМ, Г-а Елени Цецеку од Одделението за сексуална ориентација и родов идентитет при Советот на Европа, Катарина Недељковиќ – Раководителка на Одделот за извршување на одлуките на Европскиот Суд за човекови права, Советот на Европа, Јована Тренчевска претставник на Министерството за труд и социјална политика на РСМ, и Владимир Делов, претставник на Министерството за правда на РСМ. Понатаму, се обратија претставници на граѓански организации, кои долги години работат на решавање на оваа проблематика, Наташа Бошкова, правен советник во Коалиција МАРГИНИ и Лила Милиќ, претставник на ТРАНСФОРМА -Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во РСМ.
“Трансродовите лица се сочуваат со проблеми за правно признавање на родот. Секој граѓанин секојдневно користи лични документи за многу основни добра и услуги, меѓутоа трансродовите лица најчесто се кријат и не излегуваат во јавноста и не ги ги користат основните услуги за кои е потребно да се идентификуваат лично, бидејќи се плашат да не бидат исмејувани, дискриминирани и во некои случаеви вербално нападнати, како што тоа се случува во пракса. Промената треба да се заснова врз принципот на самоопределување при носење на законот за правно признавање на родот, бидејќи телесниот интегритет ни е загарантиран со Устав и никој не смее да ни наложува дека треба да правиме медицински интервенции за да ни се усогласат документите“, изјави Лила Милиќ на денешната конференција.










