Во рамки на овогодинешната кампања по повод одбележувањето на 17-ти декември, Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, ние, сексуалните работници здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите партнери ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, и со нашите поддржувачи и активисти одбележавме важен јубилеј 15 години „Марш на црвените чадори“ со слоганот 15 години колективен глас против насилството врз нас.
Маршот традиционално започна на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза и заврши на плоштадот Филип II. Пред да започне маршот, претставничка на нашата заедница даде изјава за медиумите:
„И оваа година, храбри, силни и гласни испративме важна порака до институциите и општата јавност со која:
Бараме подобри и побезбедни услови за работа;
Бараме признавање на трудот на сексуалните работници;
Бараме декриминализација на сексуалната работа.
Ако пред 15 години, сексуалните работници беа застапувани во име на трети лица, сега јавноста нè препознава преку традиционалниот Марш на црвените чадори со кој се застапуваме за сопствените права и зборуваме во свое име.
Ако пред 15 години, „проституцијата“ и „проститутките“ се користеа како термини исклучиво во црните хроники на медиумите, сега на 17-ти декември медиумите известуваат за „сексуалната работа“ и „сексуалните работници“ користејќи соодветни термини кои најдобро нè опишуваат нас.
Ако пред 15 години беа забележани обиди за „сузбивање на проституцијата“, сега имаме заложба за декриминализација на сексуалната работа поддржана од 8 политички партии и водиме процес за декриминализација преку иницијативи поднесени до Владата.
Но сепак, нашата заедница сè уште живее во страв од напади, закани и системско насилство. Само во 2021 и 2022 година имаме документирано 34 случаи на прекршување на нашите права, од кои 20 се однесуваат на родово базирано насилство или семејно насилство и 3 случаи на насилство од омраза. Иако со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, сексуалните работници за прв пат експлицитно се препознаени како ранлива категорија, системот и институциите сè уште остануваат глуви и слепи за насилството, кое мора да се запре и санкционира!
Како една од најранливите категории на граѓани, сè уште живееме на маргините од општеството кое го нормализира насилството, а институциите толерираат говор на омраза, стигма и дискриминација. Поради тоа, ретко се охрабруваме да ги побараме нашите права по системски пат и поддршката ја обезбедуваме сами преку нашите организации. Во екот на пандемијата од 2020 година па наваму, нашето здружение им помогна на 62 сексуални работници да остварат право на социјална заштита, а во 2022 година 45 сексуални работници се обратија да побараат социјално советување и поддршка.
Со декриминализацијата и признавањето на сексуалната работа како работа ќе се заштитат правата, еднаквоста и достоинството на сексуалните работници и конечно ќе можеме да живееме без страв од насилство, стигматизација и социјална исклученост.“
Со свој говор пред медиумите се обрати и Џулијан Курику, претставник на Red Umbrella Sweden, шведски колектив кој ги застапува правата, безбедноста и самоопределувањето на сексуалните работници.
„Денес сум тука да марширам заедно со СТАР и останатите сексуални работници и поддржувачи и заедно да се бориме за декриминализација на сексуалната работа. Се уште има земји во Европа каде сексуалната работа не е дозволена и всушност ние како глобално движење целиме да ја декриминализираме сексуалната работа во целиот свет. Многу ми е мило што денес сум тука со СТАР, се гордеам со тоа што сум сексуален работник и едно големо ‘ура’ за човековите права, се надевам дека ќе успееме да го постигнеме ова“.
Маршот на црвените чадори беше следен и медиумски покриен со присуство на национални и локални телевизии кои ни дадоа поддршка на настанот преку нивните медиумски прилози и видео снимки од пресот и маршот во централните вести и на Интернет порталите. Во прилог неколку линкови од медиумски прилози:
https://telma.com.mk/2022/12/17/seksualnite-rabotnichki-vo-potraga-po-svoite-prava/
Во прилог ви пренесуваме дел од атмосферата во центарот на Скопје преку фотографиите на Ванчо Џамбаски од јубилејниот Марш на црвените чадори кои можете да ги погледнете на следниов линк: https://www.flickr.com/photos/fosim/albums/72177720295342864
Спроведувањето на кампањата по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е финансирано од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.