Оваа трансродова жена воопшто не се плаши да зборува за својата транзиција, напротив смета дека со поголема транспаретност за транс заедницата во медиумите ќе се помогне во решавањето на многу негативни и штетни стереотипи.
Кога започна да сфаќаш дека припаѓаш на спротивниот пол?
Уште во најраното детство чувствував потреба да се облекувам како девојче. Секогаш кога моите беа на работа или одеа на гости, јас ја користев приликата да бидам сама и се облекував во фустаните на мајка ми. Користев од шмините на мајка ми и стоев пред огледалото замислувајќи се дека сум девојче. На 16 години сфатив дека сум поразлична од другите момчиња се до мои 26 години кога решив да “излезам од плакарот“ и да се прифатам себеси како транс личност.
На која возраст почна со транзицијата?
На 26 години почнав да размислувам за хормонска терапија. Со помош на невладините организации стапив во контакт со докторка од клиниката во Скопје со која година и пол бев во консултација за предизвиците и промените со започнувањето на хормонската трерапија. На 28 години почнав со процесот на транзиција, односно почнав да пијам хормонски таблети.
Како ти се промени животот откако избра да живееш како жена?
Искрено, малку ми е страв, гледам да не излегувам многу во јавност, особено навечер, сепак мојата промена е приметлива. Луѓето на улица ме гледаат со чудење, не разбираат што сум. Ме идентификуваат како геј, но јас воопшто не се чувствувам како геј. Веќе ми е преку глава на секого да му објаснувам што сум и која сум.
Што сакаш другите да разберат за трансродовите мажи и жени?
Сакам да знаат дека ние сме нормални луѓе, кои само родовиот идентитет им е различен од останатите. Не сме болни, така сме родени, а не како они што кажуваат дека такви сме станале поради имиџ, слава и незнам таму што уште друго. Сепак, можам да кажам дека е тежок целиот тој процес, пред сè со барање на работа. Доколку не живееш со своите, потешко е да најдеш стан за живеење. Едноставно тешко е затоа што си неприфатена од општеството и низ сите проблеми треба да поминуваш сама без никаква помош и поддршка.
Кои се твоите предизвици во животот?
Неодамна ги променив моите лични документи, моето име, но полот сеуште не ми е променет. Се надевам за три години ќе имам успешна операција и ќе бидам комплетна жена и ќе го живеам сонот за кој сум сонувала од мала. Би сакала да ја најдам љубовта на мојот живот, да ме прифати таква каква што сум, без предрасуди. Сакам да се омажам и да бидам среќна.
Дали твојата фамилија, пријателите знаат дека си трансродова жена?
Со самото неприфаќање од мојата фамилија, уште на 20 години решив да си заминам од дома. Иако, они незнаат што точно се случува со мене, сепак имаат некое претчувство. Со брат ми вооппште не комуницирам, односот со татко ми е променет. Единствено со мајка ми сеуште сум во контакт, но таа не знае за целата моја транзиција. Од пријателите што сум ги имала, може да ги избројам на една рака тие што ме имаат прифатено и кои секогаш се тука за мене. Тие се единствените што ме разбираат и ми даваат целосна поддршка да продолжам понатаму.
Те молам објасни ми го процесот на транзиција низ кој што поминуваш?
Пред да започнам со хормонската терапија бев поопуштена, но со самото земање на хормони станав поемотивна. Сега многу работи ме растажуваат, тоа претходно не ми се случувало. Почнав да размислувам поинаку, почнав да се чувствувам и однесувам како девојка. Во однос на врските со мажи, барам постабилни партнери. Сега сум некако понервозна, но се надевам дека ќе го поминам овој тежок период и ќе бидам посреќна, повесела. Тука ме гуши секојдневието, па планирам што е можно побрзо да заминам од државата. Сметам дека Европа ќе ми овозможи послободен живот, каде што ќе можам да бидам тоа што сум без да ме осудуваат.
Што може да направи светот за трансродовите лица да се чувствуваат удобно и да бидат прифатени?
Пред сè, да не не стигматизираат и дискриминираат е тоа што јас го посакувам. Сметам дека секоја трансродова личност ќе се сложи со мене. Сакам да не прифатат такви какви што сме и да не не осудуваат за нашиот избор, за нашиот начин на живеење.
*Името не е откриено во интервјуто, со цел да се заштити нејзиниот идентитет