На почетокот на годинешната кампања ,,16 дена активизам против родово базираното насилство’’, нашата главна порака е што поскоро да се пристапи кон усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција
Главната цел на усвојувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој стапи во сила на 6 мај годинава, е подобрување на институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство и надминување на слабостите во претходните законски решенија. Станува збор за еден од клучните закони предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023, кој подразбира обврска за измена и дополнување и на други закони и подзаконски акти, меѓу кои од особена важност е Кривичниот законик.
Најавените измени на Кривичниот законик, во насока на инкриминирање на нови кривични дела и измена на постоечките одредби кои се предвидени со Истанбулската конвенција, сѐ уште не се реализирани. Иако сме свесни дека проблемите во нашето општество најчесто излегуваат на површина при имплементирање на законите во пракса, легислативното усогласување со Истанбулската конвенција е основа без која системските промени се невозможни.
Донесувањето на законските решенија е само првиот чекор кон системски промени во решавање на проблемот на родово базирано насилство. На каков начин ќе се имплементираат, односно дали жртвите на овој вид на насилство ќе бидат заштитени, ќе зависи од примарните институции, кои ќе имаат за задача да постапуваат по ваквите пријави, а особено Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство, центрите за социјална работа итн. Имајќи предвид дека токму имплементацијата на законските одредби во пракса сѐ уште претставува еден од најсериозните недостатоци во обезбедувањето на соодветна заштита на жртвите на родово базирано насилство, останува да ја мониторираме нивната примена по донесувањето и да процениме колку тие навистина ќе бидат во прилог на жртвите.
16 дена активизам против родово базирано насилство е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права. Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, кампањата се користи како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата.